МЛАДИТЕ ОДЛУЧИЈА: 2013 година останува запаметена по пожари и протести!

МЛАДИТЕ ОДЛУЧИЈА: 2013 година останува запаметена по пожари и протести!На прагот на Новата 2014 година, Радио МОФ направи пресек на она што се случуваше изминатиот период со цел да дојдеме до одговорот – кои беа највпечатливите случувања за младите во Македонија?

Понудивме избор од дваесетина настани, а повеќе од 2 илјади лица гласаа  по што ќе ја запаметат 2013 година.

Радио МОФ ја направи конечната листа.  Проверете:

10. Нападите врз ЛГБТИ центарот

Од самото отворање минатата година, и тековната 2013-та,  ЛГБТИ центарот кој е сместен во Старата скопска чаршија во повеќе наврати беше цел на вандалски напади. Највпечатлив беше настанот кога во пресрет на „Неделата на гордоста“ четириесетина маскирани лица го нападнаа објектот,  а при нападот беше повреден еден полицаец. По млаката реакција на МВР, Хелсиншкиот комитет го објави и видеото од нападот на Центарот, но и до ден денеска не е откриено кои се напаѓачите не се откриени од полицијата.

9. Робомак

Робомак

Саемот за роботика „РобоМАК 2013“, по четврти пат се одржа во Домот на АРМ во Скопје каде учествуваат 80-тина  домашни и 30 странски учесници што ги одмеруваа силите на своите роботи.  Целта на „РобоМАК 2013“ е популаризација на роботиката меѓу македонските и европските студенти и средношколци.

8. Критична маса

Годинава ја заокружи 20-тата Критична маса на групата На точак, која секоја последна среда во месецот ги организираше скопјани на заедничко возење велосипед низ градот, а со цел да укаже на проблемите со кои се соочуваат урбаните велосипедисти. Се одржаа 12 Критични маси, се возеше и на дожд, на сонце, на ветер, по снег. Велосипедистите побараа вистински патеки, отстранување на препреките и паркираните возила , почит од останатите учесници во сообраќајот… Изготвија и новогодишни резолуции, советуваа како да се вози во лето, а што да се направи со точакот во зима. За идната година најавуваат нови акции. Освен во Скопје, мошне активни беа и тетовци, а акцијата се прошири низ повеќе македонски градови.

7. Протестите за измените во законот за абортус

Со транспаренти „Мое тело – моја одлука“, „Повлечете го законот“, „Дали не прашавте“,  со неколку протести пред Собранието, многу пишани реакции и брдо од аргументи  граѓанските здруженија побараа да се стопира носењето на предлог-закон за спречување на бременоста по скратена постапка. Активистите во повеќе наврати укажуваа зошто измените го ограничуваат изборот на жената, како ја бирократизираат постапката, кои ќе бидат последиците. Сепак и покрај силната реакција, пратениците ги изгласаа измените.

6. Основањето на Националниот младински совет

nms

По многу најави и подготовки годинава беше основан Националниот младински совет на Македонија од 55 младински организации, организации за млади, сојузи и подмладоци на политички партии. Претставниците на советот најавија интензивна комуникација со институциите кои имаат надлежност за младинските прашања, но и борба за повеќе права за сите млади.Претседателот на Европскиот младински форум, Петар Матјашич во интервју за Радио МОФ порача дека Владата не треба да го игнорира формирањето на Националниот младински совет на Македонија, туку да ја препознае неговата улога, бидејќи тој ќе им даде глас на младите пред институциите.

5. Заминувањето на Мекдоналдс од Македонија

Денеска рестораните Мекдоналдс во Скопје, но и низ Македонија останаа затворени. Според известувањето кое стои на вратата на едн од објектите, ресторанот е затворен од „Интерни причини“.  Засега нема информации кога повторно ќе се отворат вратите и дали МекДоналдс затвориле на само еден ден.  Во овие ресторани во Македонија вработени се повеќе од 200 лица.

На петото место, како настани по кои младите ќе ја запаметат оваа 2013 година се најде и одземањето на лиценцата и заминувањето на Мекдоналдс од Македонија. Прво се претпоставуваше дека рестораните Мекдоналдс во Скопје се затворени на само еден ден, но подоцна се утврди дека по 15 години во земјава, е одземена лиценцата на американскиот ланец на ресторани за Македонија. Последните најави укажуваат дека на местото на Макдоналдс, доаѓа грчки Гудис.

4. Сечењето на дрвјата во Центар

Се сечеа дрвја на повеќе локации, но запаметени годинава ќе останат „паркобраните“ кои го бранеа малото паркче кај хотелот Бристол, но не го издржаа силниот полициски притисок. Стотина полицајци приведуваа 11-мина демонстранти во раните утрински часови во месец септември. По  приведувањето, багерот пристигна, просторот беше ограден и под силно полициско присуство почна да се подготвува теренот за изградба на барокна висококатница за Советот за радиодифузија.

3. Гушкањето на ГТЦ

Барокот и оваа година ќе остане врежан во сеќавањата на младите, но еден објект засега останува да му пркоси на стилот во кој е преслечен центарот на главниот град. Архитектите од Асоцијацијата силно се спротивставија на најавите дека еден од симболите на Скопје ќе го смени својот лик, ќе добие куполи, скулптури и нова фасада. Илјадници граѓани се одзваа на повикот и дојдоа заедно да го гушнат ГТЦ со што симболично им покажаа на властите дека сакаат ГТЦ да остане таков каков што е. Акцијата продолжи цело лето, кога архитектите организираа низа настани со цел да го држат вниманито на јавноста врз овој проблем. Според последните најави од општина Центар, ГТЦ  ќе го задржи својот лик. Сепак, се уште нема конечно решение.

2. Пожарите во домовите

pozar-goce-585

Во април избувна пожар во  студентскиот дом Гоце Делчев во кој целосно изгоре една соба на приземјето, а осум беа оштетени. Собите беа во очајна состојба, а неколку студенти во пожарот изгубија се што имаа. Пожарот по којзнае кој пат го отвори прашањето, колку се безбедни и во какви услови и живеат македонските студенти. И покрај сите ветувања за помош, студентите во домот „Гоце Делчев“ не добија помош од Државниот студентски центар бидејќи според директорката Даниела Темелкова, инцидентот се случил поради нивно невнимание и одговорноста за немилиот настан е нивна. Овој пожар за жал не беше и последен – по него следеше уште еден пожар во истиот студентски дом, како и помал пожар во студентскиот дом Стив Наумов во женската зграда на третиот спрат во Скопје.

1. Протестите и петицијата за екстерното тестирање

Минатата 2012/2013 учебна година за првпат се спроведе екстерното тестирање за учениците од основно и средно образование, кое го следеа бројни проблеми. Учениците претрпеа штети од прекршените рокови, техничките, програмските и законските пропусти и недоследности. Над дваесет и пет илјади граѓани ја поддржаа петицијата на Младински образовен форум (МОФ) со која од надлежните институции се бараше овогодинешното екстерно тестирање да се прогласи за пробно. На екстерното му претходеа и големи ученички протести. Анализата која што ја спроведе МОФ покажа сериозни пропусти кои се најдоа на оваа листа. Беа поднесени над 400 приговори за неправилности, Министерството за образование и учениците застанаа на две крајно спротивставени страни. Во екот на настаните, беше сменет и министерот за образование.