Младите треба да бидат медиумски писмени

Подобро претставување на мигрантите и бегалците во новите медиуми, описменување на младите луѓе за подобро користење и толкување на пораките од новите медиуми и повеќе иницијативи од млади луѓе за промовирање на разноликоста и интеграцијата се заклучоците од вториот младински форум насловен „Претставување на бегалците и мигрантите во новите медиуми во Југоисточна и Централна Европа“.

На настанот кој траеше два дена, организиран од Асоцијацијата за едукација Младиинфо Интернационал со поддршка на Вишеградскиот фонд и Централно-европската иницијатива, учествуваа 60 млади истражувачи, новинари и активисти од петнаесеттина земји. Младите луѓе гласно зборуваа за мигрантската и бегалската криза во Европа, ги споделуваа своите искуства од работата на терен со мигрантите и бегалците, но и своите лични приказни.

youth-forum-4

„Идејата на овој Форум беше да направиме настан од младите за младите, каде што ќе им дадеме доволно простор на младите луѓе да ги кажат своите ставови и мислења на оваа актуелна тема, но и да испратат апел за потребата од солидарност, интеграција и разноликост. Сакавме да ги избегнеме класичните дебати на кои се зборува за бегалската криза, најчесто на ниво на институции и големи организации кои се строго хиерархиски организирани и да оставиме повеќе простор за навидум малите, но мошне значајни проекти и иницијативи, кои ги предводат млади луѓе“, рече Ана Алибегова, директор за програмски развој при Младиинфо Интернационал.

Освен што младите разговараа за квалитетот на производите од новите медиуми, потребата од медиумска писменост и младинскиот активизам, тие подготвуваа и препораки и насоки како новите медиуми подобро да известуваат за мигрантите и бегалците. Насоките ќе бидат финализирани во текот на април и доставени до релевантните чинители, а дел од нив се фокусираат на потребата за доедукација на новинарите, охрабрување на младите да се вклучат во граѓанското новинарство, како и повеќе простор да се слушне гласот на мигрантите и бегалците во самите медиумски производи.

Меѓу присутните активисти на форумот, беше и Ана Албот, новинарка по потекло од Полска која живее во Германија, а во моментов го предводи „Граѓанскиот марш за Алепо“. Граѓанскиот марш е идеја на млади луѓе претежно од Полска и Германија кои во декември тргнаа пешки од Берлин преку балканските земји и Турција со цел да стигнат што поблиску до Алепо и да ја подигнат свеста на јавноста за случувањата во Сирија. Маршот пристигнува во Македонија во втората половина на април.

youth-forum-5

Албот во разговор со Радио МОФ рече дека пешачејќи запознавате многу луѓе, кои не се согласуваат со тоа, кои не ги сакаат бегалците во Европа, кои мислат дека е глупаво да се направи тоа за некој друг, луѓе кои мислат дека Сирија не е наша работа. Но, дополнува таа, многу од нив го менуваат своето мислење откако ќе разговараат со луѓето од маршот.

„Речиси 3.000 луѓе се вклучија досега во маршот, сите со различна мотивација. Има луѓе од 27 држави и некои имале искуство со војна, или кои само сакаат да покажат солидарност. Многу Сиријци ни се приклучија, ни покажуваат дека се благодарни и дека би сакале да се вратат дома, во својата мирољубива држава. Тие ни покажуваат дека сите имаме иста цел, повторно да има мир во Сирија“, рече Албот во интервјуто со Радио МОФ.

youth-forum-3

Инаку, за време на Форумот беше отворена и изложба со наслов „Разноликоста и интеграцијата видена низ призмата на младиот човек“ на која беа прикажани 30 најдобри фотографии од млади фотографи од Централна и Југоисточна Европа.

Овогодинешниот младински форум е продолжение на минатогодишниот настан од ваков тип насловен „Претставување на малцинствата во новите медиуми во Централна и Источна Европа”.