МОН ги објави предлог измените – државниот испит ќе се снима, само првите две полагања ќе бидат бесплатни

Полагањето на државниот испит ќе се снима и пренесува во живо, првите две полагања за студентите ќе бидат бесплатни, додека следните ќе чинат и до 200 евра, новиот испит ќе се спроведува во втора и четврта (последната) година. Министерството за образование синоќа го објави текстот со предлог измените на Законот за високото образование кои Владата го усвоила во саботата.

-Првите две полагања на државниот испит за студенти се бесплатни. Доколку студентот не успее да го положи државниот испит двапати по ред, наредните пријавувања за полагање се на товар на студентот, и тоа за трет пат 1.000,00 денари, за четврт пат 6.000,00 денари и за секое наредно пријавување 12.000,00 денари, стои во предлог текстот.

Во испитот ќе има по пет прашања со различна тежина за секој предмет, како и четири понудени решенија, а електронски ќе биде достапна базата на прашања со клучните предмети за државниот испит. Испитот ќе може да се полага само еднаш во кварталот на академската година. Студентите ќе полагаат електронски, а ќе се поминува со најмалку 70% од вкупниот број поени, за секој предмет поединечно. Државен испит ќе има и за студентите запишани на втор циклус студии кои ќе го полагат на крајот на последната студиска година. Полагањето на испитот, според овој предлог, ќе се снима и емитува во живо на веб страницата на Министерството за образование.

Измени има и во начинот на функционирање на студиите. Така, со предлог законот се предвидува првиот циклус на универзитетските студии да трае четири години и со неговото завршување да се стекнуваат најмалку 240 ЕКТС кредити. Магистерските студии пак ќе траат две години (или подолго) во кои треба да се стекнат дополнителни 120 ЕКТС кредити.

-Право да биде ментор на студентите од втор циклус на студии има само наставник кој објавил најмалку шест труда во меѓународни научни списанија или еден труд во списание со импакт фактор кои се во првите 50% списанија од соодветната област во базата на Web of Science и кој добил акредитација од Одборот за акредитација и евалуација во високото образование, се посочува во предлог текстот.

Студиски програми за докторски студии според предлог измените ќе можат да организираат само универзитетите кои се меѓу првите пет рангирани универзитети и високообразовни установи во состав на универзитетите . Ако универзитетот го изгуби статусот на еден од првите пет рангирани високообразовни установи во државата, нема да може да запише нови кандидати во трет циклус докторски студии, односно ако го стори тоа ќе му биде одземена акредитацијата.

Високообразовните установи, двапати годишно (по запишување на студиите и на крајот на академската година) ќе имаат обврска да достават список на студенти до Министерството, Агенцијата за вработување и Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Во измените на Законот за високото образование се предвидува приемен испит за странските студенти составен од  тест за проверка на јазичните вештини и стручен испит, а се дозволува ректор, декан или директор да биде и странски државјанин.

Новините за државниот испит ќе важат од академската 2016/2017 година за студенти запишани на прв циклус на студии, односно од академската 2017/2018 година за студентите кои ќе се запишат на втор циклус студии.

Предлогот за воведување државен испит на универзитетите наиде на силен отпор кај студентите кои организирани од Студентскиот пленум излегоа на два масовни марша против најавените измени. Во меѓувреме повеќе факултети меѓу кои Правен, Драмски, Филолошки, Педагошки и ФОН ја одбија иницијативата за воведување на државниот испит.

Од Владата пак порачуваат дека нема да отстапат од спроведување на реформите чија крајна цел, според нив, е „напредување на образованието на сите нивоа во предучилишно, основно, средно и високо образование, односно застапување на концептот за висококвалитетни квалификации.“

Предлог-законот за државен испит Владата го усвоила во пакет со уште четири други развојни решенија, односно нови закони и измена на постојните.

J.J.