МЗ: Ги исполнивме ветувањата за гинеколог во Шуто Оризари

Министерството за здравство ги реализираше сите ветувања кои произлегоа од одржаниот состанок на министерот Никола Тодоров со претставниците на Иницијативата на жени од општината Шуто Оризари, велат од министерството по денешниот протестен перформанс на жените од оваа општина.

„Ветивме дека наместо еднаш неделно, како дотогаш, ќе има три пати неделно присуство на тим од доктор-гинеколог и медицинска сестра во гинеколошката ординација во Шуто Оризари. Веднаш го реализиравме ветувањето, и секој понеделник, среда и четврток од 8:30 – 14:30 часот, во ординацијата во Шуто Оризари работи тим од гинеколог и медицинска сестра од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ – Чаир. Ветивме дека ќе објавиме оглас за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари. Веќе наредниот ден, по одржаниот состанок со претставници на Иницијативата на жени од општината Шуто Оризари,Министерството за здравство го објави огласот. Ветивме дека ќе овозможиме субвенција за матичен гинеколог во Шуто Оризари, со цел поттикнување интерес, и тоа го реализиравме. Во објавениот оглас е наведено дека за избраниот матичен гинеколог е предвидена дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од страна на Министерството за здравство од превентивните програми“, се вели во реакцијата на министерството.

Според Министерството за здравство на објавениот оглас за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари се уште не се пријавил заинтересиран кандидат.

„На состанокот со претставници на Иницијативата на жени од Шуто Оризари беше потенцирано дека Министерството за здравство ќе ги исполни сите предуслови за ангажирање матичен гинеколог во Шуто Оризари, а на докторите останува да се пријават на објавениот оглас. Министерството за здравство вети дека ќе ги исполни сите предуслови и ги исполни сите предуслови, но не може да вети дека со сигурност некој доктор-гинеколог ќе се пријави на огласот, бидејќи тоа е надвор од надлежноста и делокругот на Министерството. На состанокот беше јасно потенцирано од страна на министерот Тодоров дека не можеме со сигурност да ветиме дека ќе се пријави лекар на огласот, но ќе дадеме субвенција и ќе го објавуваме огласот се додека не се пријави кандидат. Уште еднаш потенцираме дека Министерството за здравство ги реализираше сите ветувања произлезени од заедничкиот состанок со Иницијативата на жени од Шуто Оризари, за што и јавноста беше навремено информирана“, велат од министерството.

Во знак на протест поради немање матичен гинеколог, иницијатива на жени од Шуто Оризари денеска изведе перформанс пред амбулантата во општината. Со ленти на устата и транспаренти со пораки за лошите здравствени услови, тие го прашаа министерот за здравство, Никола Тодоров кога планира да ги исполни ветувањата за подобрување на здравствената заштита за жените во оваа општина.

К.О.