Главниот опозициски лидер, Алексеј Навални, бил уапсен заедно со уште неколку десетина демонстранти на анти-корупциски протест кој се одржа попладнево во главниот град на Русија, јавуваат светските новински агенции.
Илјадници луѓе се приклучија на протесните маршеви низ целата земја, барајќи оставка од Премиерот Димитри Медведев поради наводи за корупција. Посебно силно полициско присуство имало во Москва.
Телевизиските снимки покажуваат како демонстрантите извикуваат „Долу Путин!“, „Русија без Путин!“ и „Путин е крадец!“.
Навални бил уапсен додека се приклучувал на маршот, јавуваат руските медиуми, пренесува ББЦ. Во твит по неговото притворање, тој ги повика демонстрантите да продолжат со протестите.
„Дечки, добро сум. Нема потреба да се борите да ме ослободите. Марширајте по Цверскаја (главната улица во Москва). Нашата тема на денот е борба против корупцијата“, напиша тој на социјалната мрежа.
Алексеј Навални е познат по неговата кампања против корупцијата која како цел ги има највисоките функционери блиски до Кремлин. На изборите, кои ќе се одржат следната година, забрането му е да се кандидира за претседател против Владимир Путин поради судска одлука која, според него, била политизирана.