Во тек е политичката кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември. Не е лошо да се потсетат политичките партии на што се обврзаа кога го потпишаа кодексот за фер и демократски избори на Државната изборна комисија.
„Врз основа на член 8-в од Изборниот законик, политичките партии учесници во предвремените избори на пратеници во Собранието на Република Македонија закажани за 11 декември 2016 година го потпишуваат овој КОДЕКС ЗА ФЕР И ДЕМОКРАТСКИ ИЗБОРИ.
Избори кои се фер и демократски и ги почитуваат принципите на демократијата и доброто владеење придонесуваат за демократски развој на општеството. Сите учесници во изборите со своите активности го поставуваат фундаментот на демократијата и придонесуваат за градењето на довербата во изборниот систем на Република Македонија. Сознанието дека заедно учествуваме во процесот на одржување на високото ниво на демократија за нас, политичките партии учесници во предвремените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија закажани за 11 декември 2016 година, е од непроценливо значење.
Токму затоа, се согласивме и го потпишуваме овој Кодекс за фер и демократски избори. Свечено се обврзуваме и си ветуваме еден на друг, но и на сите граѓани на Република Македонија, дека ќе се придржуваме и активно ќе го промовираме овој Кодекс.
Ние, учесниците во изборниот процес се обврзуваме дека ќе ги почитуваме сите закони, правила и прописи на Република Македонија кои се релевантни за изборите и ќе го почитуваме владеењето на правото при организирањето и спроведувањето на изборите.
Ние, учесниците во изборниот процес недвосмислено се обврзуваме дека нема да вршиме никаков притисок или обид за притисок врз вработените во јавната и државната администрација, во други институции или установи финансирани од Буџетот на Република Македонија, буџетите на општините и Градот Скопје, како и во трговски друштва и претпријатија со државен капитал.
Ние, учесниците во изборниот процес, исто така, недвосмислено се обврзуваме дека ниедно вработено лице или граѓанин нема да биде предмет на било каква закана по однос на своето вработување и социјална сигурност како резултат на нивното поддржување или неподдржување на било која политичка партија или кандидат“, се вели во кодексот.