Во пресрет на парламентарните избори, неформалната иницијатива НаТочак-Скопје заедно со нивните претставници во Битола, Прилеп, Гостивар, Тетово, Струмица и Штип испратија документ до политичките партии со име „Визија за Македонија на точак“. Тие реагираат поради тоа што урбаниот велосипедизам речиси целосно е изоставен од политичките програми, односно велосипедот, доколку воопшто е спомнат, е исклучиво дел од проектите за спорт, рекреација или туризам.
„Со оглед на сите проблеми со кои се соочуваме како општество, сметаме дека е крајно време сериозно да му се пристапи на проблемот и урбаниот велосипедизам да се стави примарно во категорија транспорт и да му се посвети должното внимание заедно со другите начини на одржлив транспорт (пешачење и јавен превоз)“, велат од иницијативата.
Тие веќе неколку години укажуваат на предностите од поголемо користење на велосипедот во сообраќајот и потребата од соодветни инфраструктурни и безбедносни предуслови за промената да се случи. Нивните предлози и барања во континуитет ги упатуваат пред сè до институциите на локално ниво, а потоа и до надлежните министерства и други институции на национално ниво.
Како проблеми кои се провлекуваат низ годините ги нагласуваат небезбедноста во сообраќајот и жртвите, сообраќајниот метеж и здравствените проблеми кај населението.
„Секоја година 130-200 граѓани (7.5 на 100 илјади жители) го губат животот на улиците и патиштата низ Република Македонија. Во најбезбедните држави како Шведска и Холандија тој број е 2.8 на 100 илјади жители и тие константно се стремат кон нулапред сè преку сообраќајни решенија кои ја сведуваат човечката грешка на минимум: успорување на сообраќајот, стеснување на лентите, подигнувања на коловозите итн. Во меѓувреме, во Македонија не се учи од туѓите грешки, туку има тренд на проширување на улици за возила кои поттикнуваат поголеми брзини. Прекумерната брзина е причина број еден за смртни случаи во сообраќајот. Приближно 40 отсто од сообраќајните судири со жртви во Македонија се во населените места, показ дека не се почитува ограничувањето од 50 km/h“, стои во документот испратен до политичките партии.
Од иницијативата сметаат дека со мерки за развој и унапредување на урбаниот велосипедизам, во градовите ќе се привлечат поголем број граѓани на велосипед во сообраќајот, а при тоа ќе се заштедат средства од буџетите на општините, како и буџетите на министерствата за здравство, транспорт и животна средина.
Нивните предлог-мерки се свртени кон создавање на отворени институции за граѓаните, соодветна инфраструктура, воведување на дополнителни релевантни мерења и статистики, и врз основа на тие податоци да се креираат соодветни сообраќајни политики за поквалитетен живот. Потоа, тие бараат итно усвојување на „Правилникот за проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура“ од 2014-та година со цел да се спречат импровизации, донесување на Национална стратегија за успорување на сообраќајот во населени места, задолжителна изработка на стратегија и план за велосипедски сообраќај за сите поголеми населени места, како и формирање на национален фонд за поддршка на развој на велосипедски сообраќај во општините. Но, покрај ова, тие бараат и формирање на посебен буџет во рамки на Општините за изградба на нова и унапредување на постоечката инфраструктура за велосипедски сообраќај, задолжителни паркинзи за велосипеди во станбените објекти, деловни и јавни установи.
Сепак, пред се, тие бараат поголема едукација на населението, односно велосипедот да се врати во образовниот процес. Децата од претшколска возраст, основно и средно образование, соодветно да ги совладуваат основните управувачки вештини и теоретски познавања.
„Во ваков критичен момент, кога споменатите проблеми на сите ни се јасни, очекуваме испорачување на решенија и значителен напредок во однос на третманот на велосипедскиот сообраќај заедно со другите модели на одржлив транспорт, во споредба со претходните избори“, нагласуваат од иницијативата.
Целиот документ со нивните предлози и мислења е достапен на следниот линк.