Неколкумина насилници вчера (20 април) нападнале активисти на „ЛГБТ Јунајтед“ и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, кои спроведувале јавни активности во Битола, во рамките на проектот „Граѓанска иницијатива за ЛГБТ права“. Активистите за човекови права лепеле постери со промотивна содржина за човековите права на ЛГБТ лицата, и прошетаа низ „Широк сокак“ со знаме во боите на виножитото.
Веднаш по напуштањето на прометниот „Широк сокак“, пред хостелот „Дајмонд“, активистите биле прво нападнати од четири лица, а подоцна им се придружиле уште тројца насилници. Постерите во кои се промовира еднаквост, недискриминација и ненасилство, биле насилно одземени. Тројца активисти биле омаловажувани, плукани, туркани, удирани со шлаканици по лице и со постерите по глава.
Откако една активистка викнала „Не го удирај“, добила закани и одговор: „За педери постери ќе лепите во Скопје, тука во Битола не!… Ќе ве претепам, пренеси им на сите! Дошле еднаквост да бараат во Битола?!“ Кога еден од нападнатите активисти се обидел преку телефон да побара помош, еден од насилниците му го одзел телефонот од рака и му се заканил со зборовите: „Ќе те распарам!“. Насилниците ги одзеле постерите, телефонот го фрлиле на земја и заминале.
Насилството врз ЛГБТ активисти е веднаш пријавено во полициска станица во Битола.
„ЛГБТ Јунајтед“ и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ најостро го осудуваат насилството врз активисти за човекови права во Битола и бараат од МВР да преземе итни мерки за откривање и казнување на насилниците. Бараат и од Владата јавно да го осуди насилството и говорот на омраза врз ЛГБТ лицата и да престане со дискриминаторските кампањи кои промовираат омраза, нетрпеливост, социјално исклучување и насилство врз ЛГБТ лицата.