Наставниците го искажаа револтот од лошите образовни реформи

Стоп за лошите реформи во образованието кои не одат во прилог никому во образовниот процес – ова е суштината на барањата на Наставничкиот пленум, чии членови денеска маршираа низ скопските улици, задржувајќи се на крајот на мирен протест пред Министерството за образование и наука во Скопје.

Пред собраните наставници се обрати Гордана Лазовска: 

„Ние сме практичарите, ние сме чинителите на наставничкиот процес, на целиот образовен процес. Оставете не да ги научиме младите како треба да чекорат напред. Оставете не да ги научиме да изградат своја иднина овде, дома, во нашата татковина. Да не ги пуштаме да одат надвор. Само со промена на нов план и на воведување на нов закон ќе успееме во тоа. Затоа, уште еднаш, ние собраните овде ве повикуваме – повлечете ги измените, небулозните законски реформи што ги донесовте последните години и заеднички да седнеме да донесеме еден нов закон, кој ќе биде добар за сите, кој ќе го води образованието напред во вистинскиот пат. Да направиме од нашите ученици интелигенција којашто ќе ја води нашата Македонија понатаму на вистински пат. Затоа, охрабрете се и повлечете ги реформите. Затоа ве повикуваме да ја оправдате онаа парола да и го дадеме вистинското значење – образованието е сила, образованието е моќ“, рече Лазовска.

„Тука сме да кажеме дека сакаме подобро образование, подобар систем, во кое секое дете ќе може да се воспитува и да се образува во чекор со потребите и времето. Учениците да постигнат повисоки резултати. Да создадеме подобри услови за работа, подобра обука, повисока плата за вложениот труд, поголема слобода за творештво, се вели во писмото на наставниците, кое беше прочитано пред МОН, на македонски и на албански јазик. По ова, во Министерството беше предадена листата со барањата на наставниците.

Наставниците го искажаа револтот од лошите образовни реформи

„Ги заборавивме учениците. Нивната колатерална штета допрва ќе се развива. Затоа што со екстерното, еве да кажам со обичен пример, од десет оценки еден ученик има две петки и осум тројки. Друг ученик има осум петки и две тројки. На крај, на екстерното полагање, на тој што има петки му се погодуваат прашањата како на лото, исто и на тој со тројките. И двајцата на крај се изедначуваат, со просек ист на крај на годината. Двојките имаат петки и веќе не им е гајле. Еве, јас предавам на матуранти и го немам тој авторитет да им кажам: деца, дајте, матура не чека. Тешко одржуваме кондиција да ги одржиме децата на читање. И сега одеднаш, кога имаш ваков систем, што ќе правиме? Јас не можам да поверувам дека некој не може да го разбере тоа. И затоа молиме најкултурно, како што е долично за интелектуалци, да го сменат екстерното, затоа што вакво екстерно со ваква формула и ваква цел не постои никаде во светот. Истражувавме, елабориравме, Америка, Шведска… само името е исто. Јас би била среќна некој да дојде да види како предаваме, каде ни се грешките, каде ни е компетентноста, рече Татјана Арсиќ од гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“.

„Не може да се вршат експерименти во кое било ниво на образованието. Нашите барања не беа прикажани добро уште од самиот почеток. Екстерното тестирање промашен проект, кој е на грбот на учениците, на наставниците и на целото општество“, рече наставничка од Куманово.

Наставниците го искажаа револтот од лошите образовни реформи

Од Пленумот велат дека имало многу наставници кои ги поддржуваат нивните барања, но кои поради силни притисоци не можеле да се појават на протестот. Пленумот е подготвен ако е потребно да одржува протести секоја недела, се до исполнувањето на барањата.

На денешниот протест дојдоа и претставници на Студентскиот, Средношколскиот и на Професорскиот пленум, кои изразија јавна поддршка на барањата на наставниците.

Е.П.