Истражувањето на СКУП покажа дека дека од 20 судови во земјава, во периодот од 2011 до денес, биле покренати над 30 судски процеси, токму за навреди изнесени на најпознатата социјална мрежа „Фејсбук“. Граѓаните побаруваат и по 600 илјади денари за надомест на штета за клевета или за загрозување на честа и угледот. Судиите често ги казнуваат навредувачите, па глобите се 100, 200, 500, па и до 10.000 евра.
„Козо, овцо, мајмун, лудача, ѓубре едно, ќорле …“ – ова се честите атрибути што при расправии, караници си ги разменуваат поранешни сопружници, соседи, продавачи на тезги или блиски роднини, а кои не завршиле само на збор. Навредените решиле вербалните расправии со примеси на оловни зборови што им нанеле душевни болки, да ги преселат и во судниците, објавуваат од СКУП.
Од Истражувачкиот центар пишуваат дека навредите се спорт број 1 во Македонија. Според СКУП, судската евиденција бележи дека не само граѓани, туку и јавните личности, особено политичарите, не ретко и се навредуваат и се тужат. Граѓаните на главниот град се рекордери по тужбите за навреда и клевета.
Исто така, од СКУП посочуваат дека граѓаните кои не се носители на јавни функции доминираат и во судските процеси за навреда и клевета кои се водат во судовите во земјава. Во периодот од 2011 до 2016 година поднесени се над 1.800 тужби.