Пред купиштата ѓубре на тетовската „дива депонија“, која викендов се запали и буквално го прекри градот во црн чад и одвратен мирис, и денеска својот револт го изразија неколку десетици граѓани и активисти од Тетово.
Со иронични пораки „Не сме човечиња“ и „Тетовска културна депонија“, граѓаните на протестот побараа од надлежните итно да се казнат одговорните лица кои сериозно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните, како и да се преиспита работата на сегашните и претходните општински власти кои довеле до појавата на оваа депонија.
„Дојдовме да го подигнеме гласот против големиот пожар кој ја зафати оваа дива депонија. Тој датум ќе остане во историјата како ден кога животот и здравјето на граѓаните на Тетово беа загрозени и покрај бројните предупредувања. Денот кога кулминираше процесот на бавното убиство на граѓаните на Тетово. Би било тешко кривично дело доколку се покрене сомневање дека оваа депонија е запалена за политички игри или валкани интереси“, рече Аријанит Џафери од еколошката организација „Еко-Герила“.
Џафери додаде дека ги радува што гледаат дека депонијата денеска почнала да се чисти, потсетувајќи дека таа не смее да заврши на друго место каде ќе претставува здравствен проблем.
Активистите на „Еко-Герила“ најавија дека на влезот на зградата на Општина Тетово ќе залепат плакати на кои ќе биде напишан членот 218 од кривичниот законик, за загадување на животната средина и природата, според кој сметаат дека треба да се казнат виновниците за пожарот.