Стотици средношколци денеска протестираа против воведувањето на математиката како задолжителен предмет на државната матура, објави локалниот портал КумановскиМуабети.
Како што објави порталот, средношколците се собраа пред кумановската гимназија „Гоце Делчев“, по што се упатија кон градскиот плоштад во Куманово, а оттаму кон подрачното оделение на Министерството за образование и наука. Сепак на организаторите на протестот не им било дозволено да влезат во зградата и да ги достават своите барања.
„Додека нашиот глас не се слушне, нема да престанеме. Мислам дека имаме право да си го искажеме нашето мислење и да бидеме слушнати.“, вели еден од средношколците што протестираа.
Учениците најавија дека нема да присуствуваат на наставата бидејќи сметаат дека на тој начин ќе го привлечат вниманието на надлежните.
Денеска е втор ден откако средношколците не посетуваат настава поради протестите, а нов протест е закажан веќе за утре напладне, со истите барања како и на претходните два протести.