Kомбинатот за феролегури „Југохром“ од Јегуновце продолжува со работа, од Владата доби рок од уште две години за исполнување на неопходните стандарди за добивање на А -интегрирана еколошка дозвола. Како што денеска на заедничка прес-конференција информираа вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и министерот за животна средина Нурхан Изаири, на комбинатот му било наложено да го намали производството за 50 проценти.
Според Пешевски, ова е стратешката одлука базирана на оптимален баланс на еколошки, социјални и економски аргументи. „Југохром“, појасни тој, со оваа условна одлука продолжува да ги исполнува стандардите врз основа на прецизен временски план со силни контроли во временски рок од две години. На прес конференцијата беше посочено и дека „Макстил“, вториот голем индустриски капацитет без воведени еко-стандарди, донесе сопствена одлука од денеска да паузира со работа на погонот Челичарница. Според најавите од компанијата, во тек е завршната фаза од реализацијата на проектот нова филтерска постројка која ќе трае до месец јануари, кога се очекува реактивирање на Челичарницата.
За разлика од „Макстил“, „Југохром“ според неодамнешните изјави на министерот Изаири се уште е далеку од исполнување на неопходните стандарди. Ако до крајниот рок сама не го затвори капацитетот, истакна Изаири пред само две седмици, Министерството за животна средина и просторно планирање ќе постапи согласно Законот според кој без дозвола, комбинатот по 31 октомври нема да смее да работи.
„Југохром“ своето барање за пролонгирање на рокот за исполнување на еко-стандардите го достави само еден ден пред 31 октомври. За барањето вчера се разговараше во Владата, а позитивниот одговор беше соопштен попладнево.
Загадувањето од „Макстил“,и „Југохром“, беше повод за повеќе протести на граѓаните на Скопје и Тетово изминатиов период. Тие имаа единствено барање, да запре труењето на граѓаните од фабричките оџаци.