Вината и одговорноста за пожарот што се случи во студентскиот дом „Гоце Делчев“ одговорните во Државниот студентски центар ги лоцираат кај станарите, кои ја оптовариле електричната инсталација, објави Нова Македонија.
Студентите во домот „Гоце Делчев“, чии соби беа зафатени од пожар што се случи неодамна, нема да добијат помош од Државниот студентски центар вели во изјава за дневниот весник, директорката Даниела Темелкова, која додава дека инцидентот се случил поради невнимание на станарите и одговорноста за немилиот настан е нивна.
„Кога станарите се вселуваат во домовите, потпишуваат договор, а има и правилник на куќниот ред во кој пишува дека не смеат да ја надминат границата од 160 ампери кога вклучуваат електрични тела во штекерите, бидејќи доаѓа до оптоварување на инсталацијата. Станарите во овој случај не го почитувале куќниот ред, имале вклучено фрижидер, компјутер, грејалка“, вели Темелкова.
Пред нецел месец во студентскиот дом „Гоце Делчев“ избувна пожар во блокот Б, во кој изгореа личните предмети и покуќнината на станарите, а за среќа немаше повредени и жртви. По пожарот, „Нова Македонија“ обелодени дека ниту еден од домовите, кои се под надлежност на Државниот студентски центар, не е осигуран.