Повеќе од 70 граѓански организации, платформи и иницијативи упатија заедничко писмо до еврокомесарот Јоханес Хан и другите меѓународни фактори, во кое бараат одложување на предвремените парламентарни избори сè до моментот додека не бидат исполнети сите елементи на Договорот од Пржино и не се направат реформите кои се однесуваат на изборите.
Тие во пресрет на утрешната посета на еврокомесарот Хан на Македонија, упатија апел дека во овој момент не се исполнети клучни услови, ниту постои поволна атмосфера за одржување фер, слободни и демократски парламентарни избори.
Фани Каранфилова-Пановска, директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија изјави дека постојат сериозни задоцнувања во спроведувањето на точките од Договорот од Пржино и од Итните реформски приоритети, кои се непосредно поврзани со одржувањето на изборите.
„Ние граѓанските организации бараме од Европската унија и САД и од другите домашни и странски фактори вклучени во решавањето на кризата, да ги уважат нашите аргументи и да ги одложат предвремените парламентарни избори, се до моментот додека не бидат исполнети суштинските елементи од договорот од Пржино. Наша единствена цел е да се добие вистински фер и демократска атмосфера во која ќе веруваат сите граѓани“, рече Каранфилова-Пановска.
Според организациите, Државната изборна комисија (ДИК) како клучна институција за ажурирање на избирачкиот список и спроведување на изборите не функционира. Тие го потенцираа и отсуството на договор за реформите во сферата на медиумите и медиумските слободи.
Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование истакна дека целосното конституирање на ДИК сè уште не е завршено и институцијата не функционира со полн капацитет.
„Сé уште не е формирана ни правната служба на ДИК која согласно новото изборно законодавство има клучна улога во документирање и подготовка на предметите кои ќе произлезат од евентуалните приговори во изборниот процес. Не е утврдена ни процедурата за прочистување на избирачкиот список, а за нејзино спроведување воопшто и не станува збор“, рече Маричиќ.
Граѓанските организации сметаат дека сите овие постапки бараат период од најмалку еден до два месеци за институционална подготовка, а за прочистувањето на избирачкиот список се потребни дури и три до четири месеци интензивна работа.
Според нив, доколку овој процес не заврши пред почетокот на изборната кампања, одржувањето на изборите станува ризично и отвора простор за уште посериозно продлабочување на политичката криза.
„Отсуството на реформи во медиумската сфера ќе им остави простор на партиите на власт, својата предизборна кампања повторно да ја засноваат на жестока пропаганда, на говор на омраза и на манипулации со информациите, наместо на борба на идеи, концепти и политики. Граѓаните, ја препознаваат исклучително важната улога на медиумите, особено на оние финансирани со јавните пари, во враќањето на тежиштето на политичката моќ кај граѓаните наместо исклучиво кај партиите. И токму затоа, без клучни реформи во медиумската сфера, пред сѐ во јавниот радиодифузен сервис и независното регулаторно тело за медиумите, не се возможни фер и демократски избори“, додаде Маричиќ.
Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет за човекови права рече дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ како партии на власт постојано го забавуваат и попречуваат спроведувањето на Договорот од Пржино.
„Итните реформски приоритети, во делот на деполитизација на јавната администрација препорачуваат итна суспензија на Законот за трансформација на времените вработувања во јавната администрација во трајни, што е експлицитно одбиено од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Слично е однесувањето на владејачките партии и во делот на заштитата на приватноста на граѓаните и контролата на тајните служби, како и во зајакнувањето на независните регулаторни тела за контрола на извршната власт. Предвидена е ефективна собраниска и судска контрола врз следењето на комуникациите, но сѐ уште ништо сериозно не е преземено во врска со контролата врз следењето на комуникациите, па граѓаните и граѓанските организации и до ден-денешен, не се сигурни дали некој противзаконски ги следи нивните комуникации и не ја злоупотребува нивната содржина нарушувајќи ја нивната приватност“, рече Пировска.
Според неа, граѓанските активисти и сите слободоумни граѓани, сè уште се постојана мета на говор на омраза и закани од страна на провладините новинари и медиуми. Институциите вели, бавно или воопшто не реагираат и не постапуваат ефикасно во спречувањето и санкционирањето на овие појави.
„Во јавноста се создава слика за неказнивост и недопирливост на определени поединци под заштита на власта, кои постојано сеат говор на омраза и закани и на таков начин го засилуваат стравот кај граѓаните, кој секако, не создава атмосфера за слободни, фер и демократски избори“, додаде Пировска.
На прашањето на Радио МОФ зошто граѓанските организации првично го поддржаа договорот од Пржино, иако беше јасно дека времето за спроведување на сите реформи кои треба да овозможат фер и демократски избори е кратко, Каранфилова-Пановска, директор на ФООМ одговори дека тие во тој момент го гледале како единствен излез од кризата.
„Граѓанските организации не беа играчи на масата кога се договараше договорот од Пржино, точно се знае кои се тие актери, политички партии кои заедно со претставниците на меѓународната заедница го договорија договорот од Пржино. Конкретно нашата организација, во тој момент го гледавме како единствен излез од поголема криза и поголемо влошување на состојбата во Македонија и сметавме дека е еден од инструментите кој може да овозможи мирнодопска Македонија“, рече Каранфилова-Пановска.
Организациите апелираа до сите политички партии вклучени во преговарачкиот процес за решавање на политичката криза да се однесуваат одговорно и демократски и итно да ги спроведат договорените решенија, како и да постигнат договор за сè што не е договорено, а е од суштинско значење за фер и демократски избори.