36 годишна жена од Скопје до крај ја износила својата бременост и го дала детето на посвојување бидејќи три недели не успеала да најде начин за да направи легален абортус.
„Отидов кај гинекологот бидејќи јас веднаш знаев што сакам да направам, не сакав да размислувам, не сакав да чекам, некој да ме убедува , туку веднаш сакав, во повозрасни години сум. Докторката кажа дека тоа (абортусот) се косело со нејзините религиозни убедувања“. Ова е само едно од сведочењата кое се најде во последниот извештај на Х.Е.Р.А што го документира ефектот на Законот со кој пред три години се отежна пристапот до легален абортус.
За да стави крај на ваквите случаи Платформата за родова еднаквост побара Владата да донесе нов или да го измени постоечкиот Закон за прекинување на бременоста. Во меѓувреме, бараат и итно повлекување на Правилникот за содржината и начинот на советувањето на бремената жена пред прекинувањето на бременоста, со кој на жената треба да и се покаже слика од фетусот , и се опишува како тој изгледа, но честопати и се пушта и неговото срцебиење.
Како што појаснува Драгана Дрдаревска од Х.Е.Р.А. целиот процес дополнително го проблематизира задолжителното писмено барање за абортус, кое може да биде и одбиено, но и рокот од три дена во кој жената треба да се преиспита дали навистина сака да абортира.
„Имаме сведоштва на повеќе жени кои го кажуваат своето негативно искуство за новите законски решенија и сметаат дека во овие постапки нивното право на слободен избор било повредено од здравствените работници“, вели Дрндаревска.
Платформата за родова еднаквост бара Владата да донесе одлука со која трајно ќе забрани емитување на спотовите од кампањата на против абортусот „Избери живот“, но и спроведување кампања за подигнување на свеста за модерната контрацепција, како и намалување на повеќегодишната кампања на претходната власт против абортусот.
„Да се потрошат 3 милиони евра за кампања која оди против правата на жената, со стигматизација на жените што сакаат да извршат прекин на бременоста, а во исто време да давате сума десетина пати помала за да ги спасите и да го заштитите здравјето на мајките и децата, значи тоа повеќе никогаш не треба да се случува“, вели гинекологот Глигор Тофовски.
Тој појаснува дека неопходно е вложување во сексуалното образование и заштита од несакана бременост, со што ќе се намали и потребата од прекин на бременоста. Истовремено потсетува дека жените во Македонија не можат да го изберат најбезбедниот начин за абортус, оној со медикаменти, бидејќи кај нас се уште не се регистрирани вакви лекови.
Од Платформата посочуваат дека иако статистиката забележала пад на бројката на абортуси, голем број од нив не се регистрираат и се изведуваат нелегално. Загрижувачки е , додаваат, што расте бројот на малолетнички абортуси. Така, ако во 2008 година биле регистрирани 100 абортуси кај малолетници, во 2015 година имало 217.
Невладините посочуваат дека постои изразената политичка волја за решавање на ова прашање и се надеваат дека конечно во Македонија ќе има закон за прекинување на бременоста којшто ќе ги гарантира суверенитетот на жената врз нејзиното тело и нејзиното право на избор.