Медиумските организации го осудија затворањето на македонскиот истражувачки новинар откако Апелациониот суд во главниот град на Македонија, Скопје го прифати обвинението против него, иако со намалена казна, се вели во текст објавен на веб страницата на американскиот весник „Њујорк Тајмс“ за случајот со новинарот Томислав Кежаровски, пренесен од агенцијата Асошиејтед прес.
Со наслов „Надзорните тела за слободата на печатот ја осудуваат пресудата против македонскиот новинар“, за случајот Кежаровски објави и лондонскиот „Гардијан“. Во него се пренесени реакциите на организациите за слобода на медиумите и новинарските здруженија кои ја критикуваа одлуката на судот.
За пресудата против новинарот вчера и денеска беа упатени остри критики и револт од повеќе домашни и странски здруженија и организации откако Кежаровски синоќа беше експресно спроведен во затворот во Шутка. Своја критика денеска испрати високиот претставник на ОБСЕ за слободата на медиумите, Дуња Мијатовиќ. Според неа, одлуката на скопскиот суд да се испрати новинарот Кежаровски во затвор претставува порака за застрашувачка цензура.
„Затворањето на новинари за тоа што го кажуваат или пишуваат е неприфатливо во демократијата. Одлуката да се стави во затвор Кежаровски е опасен преседан за слободата на медиумите и истражувачкото новинарство. Крајно време е властите во земјата да го намалат притисокот врз медиумите и да ја почитуваат слободата и критичноста. Кежаровски мора да се ослободи под итно, рече Мијатовиќ.
И Генералниот секретар на Европската федерација на новинари Рикардо Гутјерес даде своја критика. Тој за ТВ 24 Вести изјави дека судската одлука за две години затвор за Кежаровски и неговото експресно носење на издржување на казната е удар врз слободата на медиумите. Според него, меѓународната организација не е изненадена од судската одлука.
„Сметаме дека никогаш не требало да биде во затвор врз основа на вакви обвиненија. Знаете, било каде во Европа, за истите обвиненија, новинар никогаш не би бил во затвор. За нас е чуден начинот на кој македонското судство се справува со овој случај. Мислиме дека се испраќа порака до сите новинари во Македонија дека не смеат да пишуваат слободно, дека се под контрола и дека ако напишат нешто со кое не се согласуваме, ќе одите во затвор“, се вели во изјавата на Гутјерес.
Воедно, тој соопшти дека за случајот на Кежаровски го информирале и потпретседателот на Европската комисија.
Претходно, реакција испрати и Извршниот директор на Репортери без граници Германија, Кристијан Мир кој смета дека оваа казна треба да се поништи веднаш.
„Оваа казна е апсурдна и недостојна за кандидат за членство во ЕУ и треба да се поништи што е можно побрзо. Томислав Кежаровски не треба да отслужи ниту еден ден во затвор. Неговиот единствен престап беше укажувањето на недостатоците на македонската власт и судство преку новинарска истрага“, изјави Мир.
Од Здружението на новинари на Македонија пак, реагираа дека пресудата претставува брутален чин на демонстрација на сила и побараа негово ослободување. Вчера, повеќе новинари и медиумски работници се собраа пред Апелациониот суд во Скопје за да го искажат својот револт.
Воедно, Иницијативниот одбор за ослободување на Кежаровски, новинарскиот синдикат и ЗНМ ги повикаа граѓаните во вторник во 12 часот да дојдат на протест пред судот за повторно да го изразат својот револт од изречената затворска казна за новинарот.
Новинарот Кежаровски е осуден во случајот „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години под обвинение дека открил идентитет на заштитен сведок. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот. По бројните реакции во јавноста и поминати пет месеци во притвор, тој беше пренесен во домашен притвор.