По повод отпочнувањето на процесот на изготвување на Национална Стратегија за млади на Република Македонија (2016-2025), Национален младински совет на Македонија (НМСМ) во насока на поттикнување на инклузивен и партиципативен процес, го зазеде следниот став кој го објавуваме во целост:
Околу процесот на изготвување на стратегијата
НМСМ смета дека процесот на изготвување на Националната стратегијата за млади мора да биде инклузивен, што подразбира дека мора да бидат земени предвид регионалниот диверзитет, различните форми на младинско здружување и застапеноста на различните заедници (со посебен фокус на вклученост на различни етнички заедници вкучително и помалите етнички заедници, ЛГБТИ млади, млади од рурални области и други загрозени групи). Притоа релевантните институции треба да ги обезбедат потребните услови, односно простор, можности, поддршка и средства за младите да бидат вклучени во целост, а изготвениот документ треба да ги промовира младинските права и младинското учество на сите нивоа. Исто така, процесот мора да обезбеди целосна вклученост на младите во сите етапи, врз основа на принципите на изворно учество (од дното-нагоре).
Ова подразбира дека:
Процесот треба да биде базиран на постојан дијалог и подеднаква вклученост на млади, младински организации и институции. НМСМ, како најголема чадор организација за млади е отворен да поддржи директен контакт со организациите и младите за време на овој процес;
Во процесот треба да се вклучат сите форми на младинско здружување, здружување на младински организации на локално и национално ниво, средношколски заедници, студентски организации и локални младински совети;
Младите треба да бидат директно консултирани преку настани кои ќе бидат организирани исклучиво за нив и ќе се одвиваат на локално ниво и регионално ниво. Регионалните средби/ консултации треба да вклучат различни организации во зависност од темата на која работат. НМСМ, преку своите регионални канцеларии, е отворен да посредува во организирање на овие регионални консултации;
Процесот на креирање на стратегијата да биде прилагоден за директно учество на младите. Ова подразбира дека треба да се посвети посебно внимание на прилагодување на јазикот на кој ќе се информираат младите за овој процес, избор на канали за комуникација и начин на организирање на консултативните процеси со нив;
Во процесот треба да бидат вклучени млади со помалку можности, односно млади од маргинализирани заедници, притоа поинтензивно да се пристапува до нив, без разлика на која тема се врши консултација. Посебен акцент треба да биде ставен на следните групи на млади со помалку можности: млади од рурални области, млади од ЛГБТИ заедницата, млади со попречености, млади од економски загрозени семејства, итн., притоа запазувајќи го и етничкиот, културниот и родовиот баланс. Секоја област од стратегијата треба да има посебен дел кој се однесува на унапредување на маргинализираните групи на млади.
Околу учество на младите во процесот на одлучување поврзан со стратегијата
Понатаму НМСМ смета дека процесот на изготвување на стратегијата за млади, особено работата на работните групи и креирањето на заклучоците, треба да е засновано на принципите на заедничко одлучување, структурен дијалог и ко-менаџмент, како успешни модели за вклучување на младите во процеси на носење одлуки. Само на тој начин процесот ќе обезбеди сопственост и одржливо партнерство на вклучените актери, што е гаранција за успешно имплементирање на стратегијата.
Околу стратегијата како документ
Ставот на НМСМ е дека стратегијата, како особено важен документ, мора да биде фокусирана, со мерливи резултати и временска рамка и мора да поттикне креирање на нови политики во области кои ги засегаат младите. Во прилог на стратегијата мора да има конкретни планови за мониторинг и евалуација од заеднички тела на младински организации и институции, како и акциски планови и буџетска рамка за спроведување за првите 2 години.
Особено е важно релеватните институции да ги увидат и буџетските импликации поврзани со успешно реализирање на стратегијата. НМСМ се надева дека преку креирањето на оваа стратегија ќе се увиди потребата за креирање на посебна буџетска ставка за млади, која ќе биде користена исклучиво за активности за унапредување на состојбата на младите и младинското учество соодветствено на креираната стратегија.
Националниот младински совет на Македонија е целосно подготвен да го поддржи процесот на изработка на Националната стратегија за млади, преку градење партнество со институционалните актери, водење на консултации и посредување во директно вклучување на младите на локално и национално ниво. НМСМ целосно ќе се залага за остварување на горенаведените предлози и принципи и ќе работи на поттикнување на процес базиран на младински права и целосно младинско учество.
Им стоиме на располагање и на надлежните институции, со нашето искуство да обезбедиме простор за дијалог, соработка и инклузивност на сите засегнати страни.