Владата предложи нови амандмани за Законот за медиуми, дел од новинарските здруженија пак соопштија дека нема да учествуваат во утрешната дебата поради нетранспарентноста на институциите и нерешавањето на вистинските проблеми во медиумската сфера.
Осум од новите владини амандмани се однесуваат на Законот за медуми, а со 14 се дополнува Законот за аудио и аудиовизуелени медиумски услуги. Според министерот за информатичко општество Иво Ивановски, ова е направено со цел да се подобрат Законот за медиуми и Законот за аудиовизуелни медиумски услуги, поради одредени укажувања од експертите од Советот на Европа и од ОБСЕ.
Јавната расправа за новите амандмани е закажана за утре во хотелот „Холидеј ин“. Од Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ) соопштија дека нема да присуствуваат на дебата.
Од МИМ посочуваат дека иако досега најконструктивно учествувале во дебатата, со желба да придонесе во создавање медиумска легислатива со која ќе се подобрат медиумите и новинарството, сепак не се решаваат најголемите проблеми. Како што стои во соопштението, и понатаму останува фактот дека Владата е најголем огласувач во електронските медиуми, на владејачката партија и се дозволуваше бесплатно рекламирање во најголемите национални и локални медиуми на последните избори, а факт е и дека во Македонија веќе три месеци се држи новинар во притвор поради напишан текст, и тоа пред 5 години.
„Потсетуваме дека овие и многу други проблеми, кои резултираат со катастрофален имиџ на Македонија во светот по прашањето на медиумски слободи и демократските стандарди, не се плод на немањето медиумска легислатива, туку на други проблеми за кои и министерот и другите релевантни чинители од институциите се запознаени од поодамна. Шминкањето на нацрт- закони, гаѓањето со драфтови, амандмани и писмени забелешки (дали одбиени дали прифатени) и заморувањето на стручната јавност, медиумската заедница и граѓаните со демек, јавна дебата, нема да ги поправи состојбите“, посочуваат од МИМ.
Од ССНМ пак соопштија дека нема да учествуваат на утрешната дебата и поради нетранспарентноста на целиот процес.
„ Без намера да се мешаме во ингеренциите на Владата на Република Македонија, можеме да констатираме дека медиумската заедница не е консултирана дали воопшто е неопходно да се носат вакви законски акти или не. Нивната изработка се одвиваше далеку од очите на медиумските професионалци и уште подалеку од јавноста, па уште при првите напомени дека се подготвуваат законски решенија во овие области, Синдикатот предупреди дека нема да има квалитетен закон без учество на релевантните фактори од медиумскиот простор“, стои во соопштението на ССНМ.
Исто така Синдикатот изразува жалење што досегашното учество на нивните претставниците не се користеше за конструктивна расправа, туку повеќе како алиби, за како што велат, наводна транспарентност на овој процес и како наводен доказ за демократскиот капацитет при донесувањето на законите што ја засегаат медиумската заедница.