Од 1 јануари билетот купен од возачот на автобус на ЈСП ќе чини 60 денари, за возење во прва и втора тарифна зона со електронска картичка ќе треба да се одвојат 35 денари, а билет ќе може да се плаќа и со мобилен телефон, но ќе биде поскап. Предлогот со измените во системот на плаќање го изготвија Град Скопје и ЈСП. Тој на седницата на Градското собрание ќе се најде во вторник.
Со измените се предложува да остане непроменета цената за билетот за 10 возења. Така тој ќе чини 250 денари во прва зона, односно 300 денари за приградските населби. Сепак неговиот рок на важење ќе се скрати на само 15 дена.
Предлогот предвидува и временски билети при што ќе се плаќа еднократно за возење со повеќе автобуси во траење од 90 минути, еден ден или седум дена. Дневен билет во градска зона ќе чини 120 денари, а во приградска 150 денари. Дневен билет пак за комбиниран превоз со автобус, жичарница и лифт на крстот на Водно ќе чини 200 денари или 20 денари повеќе ако се плаќа со мобилен телефон. Овие билети ќе важат до 24 часот, по што треба да се купи ноќен билет по непроменета цена од 40 денари. Седумдневната картичка за градска зона е 500 денари, а за двете 600 денари.
Месечните билети ќе поевтинат за 40 до 80 денари, а ќе биде укината опцијата за купување билетот од 30 денари во трафиките на ЈСП.
Промената на цената на билетите на ЈСП доаѓа со воведувањето на електронските картички, кои треба да ги заменат досегашните книжни билети. Но и тие ќе треба да се платат по 150 денари за обична, односно 200 денари за персонализирана електронска картичка.
Останува во сила бесплатното возење за пензионери во вторник, петок и за викенд. Од 1 јануари се воведува бесплатен превоз за студенти во текот на целата седмица.