Новиот директор за комуникации во Белата куќа Антони Скарамучи, кој во минатото бил доста критичен кон Доналд Трамп, синоќа призна дека го чисти својот профил на Твитер од ставови кои можат да му наштетат на американскиот претседател.
„Целосна транспарентност: Ги бришам старите твитови. Претходните ставови еволуирале и не треба да претставуваат пречка. Служам на агендата на претседателот и тоа е најажно“, напиша на социјалната мрежа Скарамучи.
Тој е на твитер од 2009 година и досега напишал 16.000 твитови. Некои од нив не се совпаѓаат со агендата на Трамп. Меѓу пораките кои ги избришал е фалењето на Мит Ромни, републиканскиот претседателски кандидат во 2012 година, кој успеал да остане надвор од „спектаклот“ на Трамп, додека во друг твит напишал дека спикерот на Претставничкиот дом, Њут Гингрич донел „погрешен суд“ кога ја поддржал кампањата на Трамп.
Исчезнал и твитот од 2012 година во кој Скарамучи ја фалел Хилари Клинтон со зборовите дека таа како неверојатно компетентна останува опсесија на Трамп.
Тој исто така објавил: „Ми се допаѓа Хилари. Мора да застанеш зад најдобриот играч. Мораме да ја свртиме ситуацијата“. Во октомври 2015, Скарамучи прогнозирал дека гувернерот на Флорида и конкурент на Трамп, Џеб Буш, би бил одличен претседател.
Голем број твитер корисници му реплицираат со направени слики од неговите стари твитови иронично коментирајќи „Ентони, сигурно не сакаш луѓето да заборават?“.
Thank you to those who have sent more in. Don’t want to be a bother, but you wouldn’t want people to forget, would you Anthony? pic.twitter.com/J7sU0FBrk2
— Charlie Proctor (@MonarchyUK) July 22, 2017
Покрај овие објави, Скарамучи има напишано и многу критични твитови за политиките кои ги застапува актуелната администрација. Во старите твитови тој бил застапник на поголема контрола на оружјето во САД, додека ги критикувал и оние кои ја нарекувале лажна опасноста од климатските промени.
Назначувањето на Скарамучи беше објавено во петокот по што портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер поднесе оставка. Скарамучи има 53 години и нема преголемо искуство во комуникациите. Работел како финансиски консултант на Вол Стрит, додека се појавувал и како политички аналитичар на конзервативната Фокс Њуз телевизија.