По претрес на 150 амандмани и одбивање на сите предлози на опозицијата, Собраниската комисија за образование, наука и спорт во второ читање повторно го изгласа целиот пакет за реформи во основното, средното и високото образование, Законот за Педагошки факултет, Законот за наставници во основно и средно образование, Законот за формирање Академија на наставници и Предлог – законот за обука на директори на средни и основни училишта и предшколски установи, јави Нова.
Ова е претпоследна фаза во постапката пред законите да бидат конечно усвоени на пленарна седница.
Собраниската комисија направи пауза од четири часа по четвртата точка за амандманот на ДПА кои бараа правична застапеност на членови во Комисијата за изготвување на студиски програми. Амандманот на ДПА се одби, но откако пратеничката група на ДУИ направи мали технички измени и го предложи речиси истиот амандман како нов, Собраниската комисија го изгласа.
Комисиската расправа со долги паузи во повеќе наврати траеше цели 17 часа, а законите се изгласаа во 3 часот по полноќ, завршувајќи со законот за високо образование за кој беа поднесени вкупно 90 амандмани.
Пратениците од ДПА ја напуштија расправата во знак на револт што министерот Адеми не прифати ниту еден нивен амандман, истакнувајќи дека актуелната власт не прифаќа никаков дијалог.
Не се прифати ниту амандманот на пратеникот Павле Трајанов кој побара дополнителен период за поширока јавна расправа за Законот за високо образование. На овој амандман заменик – министерот за образование Спиро Ристовски истакна дека имало доволно време за дебата, дури и една таква се остварила во рамки на Интеруниверзитетската конференција, меѓутоа одредена група на студенти и професори кои биле поканети едноставно одлучиле да не присуствуваат.
Од Професорскиот пленум и Студентскиот пленум не доставија ниту еден предлог, бидејќи сметаат дека предлог-законските измени треба да се повлечат и да сe утврдат по целосна дебата.