Советот на Општина Центар по скоро 4 години ја заврши седницата прекината поради насилните протести во 2013 година. Со 12 гласа „за“ и „11“ против, се укинаа четири урбанистички планови донесени од претходниот состав на општината.
Иако дополнително треба да се прецизира, одлуката практично значи дека во центарот на Скопје се блокира градбата на „Шпанските скали“, сервисната улица по кејот на реката Вардар, катната гаража спроти Музеј на Град Скопје и на други локации на кои се уште не е започната градба. Сепак, веќе започнатите градби, како Црквата Св. Константин и Елена и Панормаското тркало, градоначалникот Андреј Жерновски убедувал дека ќе продолжат да се градат.
“Граѓаните тогаш беа измамени дека мотивите за протестот и вандализмот врз општината се за заштита на црквата на улица Македонија. Таа црква и ден денеска, по 4 години, стои неизградена. Повеќе од јасно е дека нападот немал врска со црквата. Никола Груевски за нарачаните шамари е на обвинителна клупа и за ова ќе се соочиме во мај. Има обвиненија за соучесништво и од колеги-советници од ВМРО-ДПМНЕ“, рекол Жерновски додавајќи дека со овие одлуки само ќе се тргнат штетните последици за граѓаните и нови урбанистички планови кои нема да задоволуваат нечии бизнис интереси.
Советниците од ВМРО-ДПМНЕ се противеа дека одлуката е незаконска и штетна за граѓаните.
„Јас сум убеден дека ова што денеска го туркате во советот е крајно противуставно и противзаконски, со далекусежни последици по буџетот на Општината и по граѓаните кои живеат во неа“, изјавил советникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Илијовски.
Советот на Општина Центар ги задолжи инспекциските служби во рок од седум дена до градоначалникот Андреј Жерновски да испратат список со одобренија за градби кои треба да бидат поништени. Од СДСМ инфоормираа дека Општината ќе изработи предлог за поништување и отфрлање на одобренијата за градење што ги издале други органи, а се дел од поништените ДУП-ови. Доколку не бидат поништени, Општината ќе покрене судски постапки.
Во јуни 2013 година оваа седница беше прекината, откако поголема група демонстранти, под изговор дека се брани изградбата на црквата Св. Константин и Елена, со употреба на сила не дозволуваа да продолжи работата на Советот. За овој случај Специјалното јавно обвинителство има подигнато обвинение против поранешниот премиер, дел од демонстрантите и советници на Општината.