Фејсбук започна да ја применува новата опција со која ги предупредува своите корисници на „оспорена содржина“, преку алатката за проверка на факти од трети страни во борбата против лажните вести.
Најголемата социјална мрежа ова партнерство со независни проверувачи на факти го најави уште во декември, за да се справи со ширењето на дезинформации на нивната платформа.
Новата алатка првично беше забележана од Фејсбук корисниците кои се обидувале да пристапат до веста која погрешно наведувала дека стотици илјадници Ирци биле пратени во Соединетите Американски Држави како робови.
Насловена како „Размената на ирски робови – робови кои се заборавени од времето“, приказната била објавена од забавниот блог „Newport Buzz“ во пресрет на Денот на Свети Патрик на 17-ти март.
Дел од корисниците, кои се обиделе да ја споделат веста добиле известување дека содржината е оспорена и од „Snopes.com“ и од „Associated Press“.
Trump supporters & others are losing their minds that Facebook is now showing this warning when they share a certain “Irish slaves” article pic.twitter.com/fzeU8ZOzjb
— Liam Hogan (@Limerick1914) March 19, 2017
„Понекогаш луѓето споделуваат лажни вести без да знаат. Кога независни проверувачи на факти ги оспоруваат содржините, можете да ги посетите нивните интернет страници за да дознаете зошто. Прикажани се единствено проверувачите на факти кои го прифатиле етичкиот кодекс на Poynter“, пишува во прозорецот кој се појавува на оспорената вест.
Доколку корисниците го игнорираат предупредувањето и кликнат „објави“, се појавува уште еден поп-ап прозорец со дополнително известување дека точноста на содржината е оспорена. Преку кликање на „објави сеедно“ линкот се објавува, но на фејсбук страните на другите корисници се прикажува како „Оспорено од Snopes.com и Associated Press“.
Лондонски Гардијан пишува дека во обидот да ја објават спорната вест од Сан Франциско предизвикало отворање на новата алатка, но не кога тоа се обиделе да го направат од Сиднеј и Лондон. Тоа, според нив, не е невообичаено кога Фејсбук прави тестирања на нови алатки на нивната платформа пред да ги направи составен дел од социјалната мрежа.
Загриженоста за влијанието на лажните вести на социјалните медиуми драстично се зголемија по американските избори, предизвикувајќи го основачот на Фејсбук, Марк Закерберг да потврди дека платформата ги смета дезинформациите сериозно и дека работи на справување со тој проблем.
Пред крајот на минатата година, Фејсбук соопшти дека почнува да ги обележува лажните вести со помош на корисниците и пет независни проверувачи на факти: ABC News, AP, FactCheck.org, Politifact and Snopes.
Доколку доволен број на корисници на социјалната мрежа пријават дека одредена сторија е лажна, Фејсбук ќе ја препрати до оваа трета страна на подетална проверка.