Активистите и „паркобраните“ најостро го осудија синоќешното приведување на граѓаните кои во знак на протест цел месец седеа во паркот кај Бристол, со цел да го спасат зеленилото и да ја спречат изградбата на барокната висококатница.
Без никакво објаснување, стотици полицајци синоќа упаднале во паркот и ги уапсиле сите единаесетмина граѓани затекнати во паркот, револтирано објаснува Олгица Станковска која ноќта ја помина во полиција.
Активистката Ирена Цветковиќ запраша кој е тој што во МВР направил проценка дека на еден мал парк со две клупи и единаесет луѓе треба да им се пристапи со 400 полицајци и десетици возила, поради тоа што додека јаделе семки го нарушувале јавниот ред и мир и јавната чистота.
„Чисти простори за оваа влада се простори во кои без приговор се спроведува нивната идеја за барокно Скопје, тоа се чисти простори од кои се исчистени критичките гласови, простори без луѓе, всушност простори кои се исчистени од граѓаните,“, вели Цветковиќ.
Според Никола Наумовски од „Плоштад Слобода“, ова е директен напад врз граѓаните на Центар, кои, како што вели, во неколку наврати биле децидни дека повеќе го сакаат зеленилото од барокот.
„Вчера се покажа зошто Никола Груевски трипати не тераше да гласаме, трипати му кажавме дека сакаме повеќе зеленило, а помалку барокни згради и трипати не не послуша. Напротив, откако одлучивме дека сакаме повеќе зеленило во Центар Груевски пресече неколку паркови, а вчерашниот, најскандалозен потег беше што ангажираше стотици полицајци за да се справат со 11 најупорни паркобрани кај Бристол“, вели Наумовски .
Како што објасни портпаролот на МВР, Иво Котевски полициската интервенција била на барање на корисникот на земјиштето, кој ги има добиено сите документи за градба, а чие земјиште, вели Котевски, своеволно било узурпирано од неколку лица изминатиов период со што му била нанесена голема штета на корисникот. Во врска со обемот на полициската асистенција, за Радио МОФ тој вели дека е направена соодветна проценка и додава дека како доказ за тоа е фактот што немало никакви инциденти во текот на акцијата и се поминало во најдобар ред.
Претходно се огласија и советниците од опозицијата, како и градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски кој обвини дека ваквото однесување е одлика на полициски држави и уште еден доказ дека имаме работа со тоталитарна власт“.
На ова од МВР вратија дека градоначалникот на Центар се служи со манипулации и лаги, не ја познава законската регулатива и застанува на страна на прекршителите на законот.
Просторот каде што до вчера беа паркобраните, сега е ограден со тараби, рано изутрина простигнаа булдожери, а заштитен појас од полиција, со штитови и полна опрема го чува некогашниот парк. На ова местото според планот треба да никне висококатница во која ќе се смести дел од државната администрација како и Советот за радиодифузија.
Активистите за вечерва во 20 часот најавија собир пред Даут пашиниот амам каде ќе се обидат да ги пресретнат амбасадорите на ОБСЕ, ќе ги прикажат видео снимките од синоќешните случувања и ќе ги договорат следните активности.