Интернационалниот саем на современа уметност Паратисима Скопје ќе се одржи по втор пат од 12-14 јуни во Младинскиот културен центар. Отворениот повикот за учесници истекува на 10 мај, а повикот е отворен за сите заинтересирани и не предвидува селекција за учество.
Паратисима Скопје и оваа година ќе награди до 10 најкреативни учесници, и ќе им овозможи своето дело да го изложат на саемот за уметност Паратисима во Торино од 4-8 ноември 2015 година. Оваа година Паратисима Скопје во соработка со Галерија Флукс од Скопје, ќе селектира два автори кои ќе добијат можност за своја самостојна изложба во 2015 година.
Kураторот на Паратисима Скопје 2015 е Нада Прља. Нејзиниот препознатлив интернационален успех и искуство пред сè како уметник но, и како поранешен предавач на неколку лондонски универзитети, вклучувајќи го и Институтот Марангони (Лондон-Милано-Париз) се од непроценлив придонес за развојот на локалната културно-уметничка сцена.
„Со второто издание на Паратисима Скопје нашата цел е да го потенцираме отворениот и демократски пристап кон креативноста. Паратисима Скопје започна со отворен повик кој ги покани сите креативци да учествуваат, бидејќи веруваме дека сите форми на креативност треба да имаат еднаква можност да ѝ се обратат на публиката.
Особено сум мотивирана кон развивање на специјалната програма на овогодишното издание преку бројни изложби, проекти и работилници. Една од моите цели е и истакнувањето на јавната презентација на креативните школи и универзитети, како основни структури кои ја поддржуваат и развиваат креативноста од раната авторска возраст“, вели Прља.
Досега, Паратисима Скопје за своето второ издание брои интернационални учества на автори од Данска, Америка, Италија, Русија, Црна Гора, Хрватска, Холандија, Шкотска, Шпанија, Грција и Турција, а бројот на земји (и) учесници секојдневно се зголемува.
Од 12-14 јуни, Младинскиот културен центар ќе биде домаќин на единствениот интернационален саем на современа уметност во Македонија кој покрај уметничката поставка, вклучува целодневна програма, исполнета со концерти на интернационални и локални музички автори, гостувачки и локални работилници и соработки со академии и организации од Македонија и странство. Настанот ќе биде отворен за секоја заинтересирана публика, а влезот ќе биде бесплатен.
Паратисима е интернационален саем за уметност посветен на поддршка и промоција на културата, уметноста и креативните индустрии.
Првото издание на Паратисима Скопје кое се одржа од 13-15 јуни во Младинскиот културен центар, Скопје го привлече интересот на повеќе од 90 автори кои се претставија со повеќе од 150 авторски дела и одбележа учество на автори од Франција, Грција, Црна Гора и Италија. Тродневниот настан вклучи 7 специјални проекти, 4 музички настапи и присуство на повеќе од 3.000 посетители.