Средношколците на град Скопје, поддржани од своите родители, упатија писмо до Државниот испитен центар, Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието во кое образложуваат зошто е лош новиот концепт на државната матура кој стапи на сила оваа година. Писмото, кое беше доставено во вторникот до надлежните институции, го пренесуваме во целост:
„Ви се обраќаме со отворено писмо со цел да Ви укажеме на проблемите и грижите со кои се соочуваме, ние матурантите, нашите ставови и мислења откога сме запознаени со новиот концепт на Државна матура кој стапи на сила 09.02.2015г.
Имено, учебната година започна со најави за воведување на промени во начинот на полагање на Државната матура, што предизвика недоумица, неизвеснот и страв кај нас. До крајот на првото тримесечие не добивме никакви конкретни насоки од своите професори, бидејќи и самите немаа информации за промените, за потоа да им биде соопштено дека ние сме првата генерација за која новиот концепт ќе важи. Притоа ни беше соопштено дека најголемата промена подразбира воведување на задолжително полагање на предметот математика. Пред крајот на првото полугодие беа истакнати и термини за полагање на испитите од екстерниот дел на Државната матура (Службен весник, чл.7) и гласеа:
– Македонски јазик и литература се полага на 06.06 во 10 часот
– Математика на 11.06 во 10 часот
– Странски јазик на 15.06 во 10 часот
Испитните програми по предметите македонски јазик и литература и англиски јазик претрпеа промени кои им беа соопштени на предметните професори по македонски јазик и литература и за кои во овој момент би кажале само дека се апсолутно обемни, но професорите по англиски јазик воопшто не беа повикани за консултации. Програмата за предметот математика не претрпе измени и останува иста како кога имаше статус на изборен предмет.
Но, посочените состојби набргу покажаа дека не се конечни и не означуваат крај на нашите маки затоа што проследи нов шок: на почетокот на второ полугодие беа објавени дополнителни измени за концептот на полагање на Државна матура. Според нив, сите 3 екстерни испити ќе бидат полагани 2 пати – еднаш во писмена и еднаш во електронска форма. Освен тоа, беа истакнати и нови термини за полагање на испитите:
– Македонски јазик и литература, албански јазик и литература или турски јазик и литература: писмен дел на 06.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 10.06 со почеток во 8:30 часот
– Англиски јазик, француски јазик, германски јазик или руски јазик: писмен дел на 12.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 13.06 со почеток во 8:30 часот
– Математика: писмен дел на 15.06 со почеток во 10 часот и електронски дел на 16.06 со почеток во 8:30 часот
– Хемија, физика, историја, биологија, бизнис и останатите предмети: електронски дел на 18.06 и 19.06 со почеток во 8:30 часот
Изразувајќи го нашиот став од постојаните недоволно обмислени и набрзина воведени промени, без да се земе предвид можниот, а со оглед на се и многу веројатно негативниот ефект врз матурантите, нашето обраќање ќе го сублимираме во неколку аргументирани точки:
1. Електронското полагање на матурата не треба да биде воведено од причини што:
– Според Законот за полагање на матура, сите ученици треба да имаат исти прашања и да започнат со полагање на тестот истовремено. Тоа нема да биде овозможено од технички причини како што е недоволната опременост на кабинетите во училиштата.
– Системот на електронското полагање, доколку е ист како тој на екстерното тестирање, е нестабилен бидејќи веќе три години по ред се случуваат проблеми од типот на: паѓање на системот; има прашање – нема понудени одговори (и обратно); има повеќе од еден точен одговор; нема ниту еден точен одговор и слично како што е наведено во приговорите што ги добивате секоја година.
– Доколку се полага електронски, нема да има конкретна тежина на прашањата и матурата ќе ја изгуби формата на стандардизиран тест.
– Времето предвидено за полагање на тестот е преполовено односно се ограничени нашите способности, а и концентрација.
2. Имплементацијата на математика како задолжителен предмет на Државна матура треба да биде омитиран во текот на полагањето на матура на четирите генерации кои моментално посетуваат средно училиште, односно да остане како факултативен предмет. Причината е следна:
– Официјалното објавување, како што знаеме, во Службен весник со кое што математика станува задолжителен предмет беше објавено 2014г., што претставува задоцнета информација бидејќи учениците кои веќе се запишани се воделе по претходно утврдениот концепт за Државна матура (во која математика е изборен предмет) и токму поради ова треба да ја полагаат истата.
Како средношколци, бараме нашите барања да бидат разгледани, а и воедно прифатени и Ви нагласуваме дека нема да бидеме предмет на обмислени реформи. Подготвени сме за конструктивни разговори, соработка во секој поглед и акции со цел да придонесеме за разрешување на оваа конфузна состојба, поддржани од нашите родители и професори, и барање излез кој ќе биде и во наш интерес“, се наведува во писмото на скопските средношколци.