Четвртото издание на фестивалот кој го организира најстарата македонска независна издавачка куќа PMG recordings ќе се одржи во петок, на 18 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ). Организаторите овогодинешното издание го нарекуваат „целовечерен танц и прослава на македонската независна култура“.
„PMG Recordings Festival 4 е природно продолжение на нашите фестивалски заложби за напредно презентирање на најсвежите сонични авантури на македонскиот дел од музичкиот универзум. Оваа година прославуваме 15 години постоење и 100 изданија, па се опуштивме и поканивме пар странски артисти кои навистина ни се допаѓаат. Бидете дел од нашата прослава, ајде да направиме уште еден настан со светски mind set“, велат организаторите.
За оваа година, најавени се неколку интересни музички имиња: свој настап ќе има берлинскиот музичар Philipp Gorbachev. Тој оригинално доаѓа од Москва, но како и огромен број успешни млади музичари во моментов живее и работи во Берлин. Преку неколку изданија на лејблот Comeme, го запознавме како еден од највозбудливите и највангардни електро-панк кросовер артисти. Карактеристичен е потоа што е единствен “странец” во ултрамодерната и атипична јужноамериканска поза на Comeme-која ги постави темелите на латино звукот на 21-от век.
На фестивалот во МКЦ ќе настапи и Monozid, post-punk бенд од Лајпциг, Германија. Свират заедно од 2003 година и досега имаат издадено неколу еп-ја и 2 албума, на кои прават храбра и успешна мешавина од класичен 80’s postpunk со влијанија од nowave и noise rock.
Покрај странските гости, ќа настапат и домашните артисти: PMG kolektiv, Bei The Fish, Lepi Xhoni, Millko, Robotek и Мирко Попов, кој ќе го затвори фестивалот со диџејски сет.