Синдикатите, организациите и активист(к)ите, организатори на протестот против плаќање придонеси за хонорарите изразија поддршка и солидарност со студентите и ги повикаа сите граѓани да учествуваат на студентскиот протест во петок кој ќе започне во 14 часот пред Владата на РМ.
– Ние и студентите во последните неколку месеци сме изложени на истата политика на опресија, игнорирање и исклучување од страна на надлежните власти во однос на предложените и усвоени законски измени за државниот испит и за плаќањето придонеси за задолжително социјално осигурување за хонорарите. Уште повеќе, ваквите политики и практики на актуелната власт ги загрозуваат и ускратуваат човековите права не само на директно засегнатите групи (студентите и хонорарно-ангажираните работници), туку и на сите останати индиректно засегнати субјекти – универзитетските професори и останатите академски работници, вработените во редовен работен однос во сите бранши, средношколците, родителите, пензионерите.
Методот на кој власта ги усвојува и спроведува законските решенија е недемократски и исклучувачки – во отсуство на дијалог со најзасегнатите граѓани, на товар на сиромашните и обесправените, а во спрега со послушните поданици во квази-независните тела и институции, како ССМ и СПУКМ, со цел за уште поголемо богатење на најбогатите и следствено, зацврстување на сопствените позиции на моќ и привилегии. Уште повеќе, фрапираат информациите за забрзано воведување мерки на засилен надзор и ригорозни казни поврзани со непочитување на веќе усвоените законски решенија, чија основна цел во суштина е зголемување на атмосферата на страв, закани и уцени и неоставање простор за делување.
Затоа, ние, организаторите на протестот против плаќањето придонеси за хонорарите апелираме за масовна солидарност и поддршка на студентите во нивната борба за остварување на нивните права и за враќање на автономијата на универзитетите, затоа што таа е и наша, заедничка борба – борба против политиките на опресија, исклучување и игнорирање. Таа е една те иста борба, борба за човекови права, борба за подобра правна држава, борба за поголема социјална правда и еднаквост.
Во ваквата борба, не постои друга алтернатива за промена, освен масовната солидарност во покажувањето ненасилен отпор!, стои во соопштението на организаторите на протестот на хонорарците каде се потпишани дваесетина организации и неформални групи.