Ниту една политичка партија нема дадено одговор на прашалникот испратен од ЛГБТИ Центарот во кој се бара одговор за тоа какви мерки преземаат партиите за подобрување и заштитата на правата на ЛГБТИ заедницата. Како што информираат од Центарот, прашалниците биле испратени до сите поголеми партии со цел подобро информирање на ЛГБТИ заедницата за тоа која политичка опција ќе им овозможи подобро секојдневие и еднаквост на локално ниво.
Ова го соопштуваат од Центарот, откаде сметаат дека ваквиот однос е неодговорност кон цела група граѓани и гласачи.
„Напротив, наместо истите да ја промовираат разноликоста и да се воздржат од коментари навредливи за цела една популација во Македонија, веќе бевме сведоци на злоупотреба и хомофобични изјави каде се става една цела заедница во негативна конотација“, стои во нивната реакција.
Оттука тие го осудуваат расизмот и хомофобијата во изјавата на кандидатот за градоначалник на Охрид, Александар Петрески, како и констатацијата на Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ дека иднината во која двајца мажи се бакнуваат не е пожелна.
Во првиот случај, Петрески во својата изјава „Синот на Бандини од Шутка не се заљуби во мене бидејќи јас не сум двоцевка, па да се заљуби во мене. Нормално е дека во нив ќе се заљуби“, без никаква причина ги омаловажува и повредуваи чувствата на граѓаните со различна боја на кожата и различна сексуална ориентација од мнозинството граѓани.
Во вториот, УМС на ВМРО ДМПНЕ Гостивар, на својот фејсбук профил ставила слика каде што еден од политичките опоненти на локалните избори се бакнува со друг маж, со што посочуваат од Центарот, оваа приватна фотографија е злоупотребена и ставена во хомофобичен контекст, иако самата фотографија не може да посведочи за нечија сексуална ориентација.
„Со ваквите изјави уште повеќе се промовира исклучувачко општество, наместо инклузивно, што не води кон решавање, туку напротив кон продлабочување на социјалната, економската и политичката криза во државата. Недопустливо е бојата на кожата и сексуалната ориентација да се злоупотребуваат од претставници на институциите на системот (и на локално ниво), особено што кандидатите за градоначалници претендираат кон позиција преку која треба да обезбедат достоинствен живот и еднакви можности за сите жители во општината, која сакаат да ја водат“, заклучуваат од ЛГБТИ Центарот .