„Не можеме секогаш да ја изградиме иднината за нашите млади, но можеме да ги изградиме нашите млади за иднината“, е еден од најпознатите цитати на американскиот претседател Френклин Рузвелт.
Изминатиот период македонските граѓани слушаа голем број скандалозни информации поврзани со начинот на кој се едуцираат младите. Од спорни дефиниции во учебници – во кои власта е прикажана со мускули, а граѓаните како пиони, преку партиски симболи и активности во училиштата, до заклучување на школските врати и притисоци врз учениците кои сакале да протестираат. Овие случаи ја отвараат дилемата за тоа какви млади луѓе гради Македонија низ својот образовно-воспитен систем. Политички активни граѓани или пасивни послушници?
Гимназијалецот Мартин Колоски објаснува дека критиката и бунтовноста не е нешто што младите го стекнуваат низ формалното образование.
„Образовниот процес не им остава никаква можност на учениците да развијат критички поглед на случувањата околу нас. Освен некои предмети, како социологија, каде се развива некаква дискусија околу некои прашања. И општо, учениците не се толку заинтересирани да преземат нешто затоа што се плашат дека ќе бидат замолчени, или им е страв да зборуваат јавно“, објаснува тој за РадиоМОФ.
Дали образовниот систем ќе произведува политички активни граѓани, зависи од тоа дали системот на владеење сака такви граѓани кои критички ќе размислуваат, вели политикологот Дамир Незири од Вестимнстер фондацијата за демократија и граѓански активист. Тој додава дека и образовната програма, но и наставниците имаат своја вина за тоа.
„Во учебниците државата е претставена како најголемиот авторитет. Власта е нешто од што треба да се плашиме, не само што треба да ја почитуваме – туку треба да имаме и страв од неа. Така и во односот на образовниот кадар. Наставниците се тој авторитет кој многу ретко остава можност за дискусија за она што тие го зборуваат. Доколку некој ученик или студент има различно мислење од нив, може дури да има и проблеми. Сите знаеме случаи кога луѓе добивале послаби оцени поради тоа“, потенцира тој.
Менталитетот на родителите, смета Дамир, исто така има голема улога во градењето активни политички граѓани.
„Не може еден родител да прифати дека неговото дете било заклучено во училиште, само затоа што директорот сметал дека ќе оди на протест. Тука родителот мора да реагира. Кај нас и тие се инертни по овие прашања и покрај тоа што се случуваат сите овие работи гледаме дека нема некој поголем отпор или протест, каде би рекле – доколку оваа книга не се повлече од употреба нема да ги пуштаме децата во училиште, или ако повторно ја заклучите вратата ќе бараме вие повеќе да не бидете директор“.
Ана Поп Ризова, професор – психолог, вели дека семејните модели на кои им е потребно демократизација, за среќа не се единствениот модел.
„Денеска младината има многу повеќе можности да чита, комуницира на социјалните мрежи и преку тоа ги преиспитува вредностите кои се промовираат во семејството. Тоа е некој начин како, една млада личност да се справи со тие традиционални семејни вредности кои промовираат да се биде пасивен, да се ќути, да се трпи, да не се преземаат никакви активности и тоа е начин да се помрдне работата“, вели Поп Ризова.
Таа објаснува дека иако во образовниот процес постојат наставни содржини поврзани со политика, тие сепак се само теорија. За свесна, политички активна младина, потребно е многу да се работи на личните доживувања на политичките процеси на младите. Поп Ризова додава дека сите наведени недостатоци живеат во македонскиот исполитизиран образовен процес.
„Во таквиот систем, личните искуства на учениците можат да влијаат на младите тие да мислат дека тоа е единствениот начин на кој се функционира во општеството – индивидуата да се потчини на власта. Но, тоа што е добро е дека младите не подлегнуваат под авторитети, или имаат потреба да се спротистават. Се надевам дека еден дел од младината и учениците ќе можат во иднина да се развиваат во насока на градење на сопствен идентитет и правење сопствени избори за себе. Критичко мислење и критички активности, затоа што само на тој начин може да се развива демократијата“, објаснува Поп Ризова.
Дамир смета дека системот е вкоренет и ќе биде потребно долг период тој да се менува, но додава дека надеж постои:
„Младите луѓе кои беа дел од сите овие протести, во следните десет години ќе бидат родителите кои ќе го вршат потребниот притисок за промена на работите“, истакнува тој.
Мартин е активно ангажиран во подобрување на околината околу себе. Дел е од еколошката организација „Чист Охрид“ која секој месец организирано го чисти ѓубрето по градот.
„Самите прашања кои ме мачат посакувам да ги сменам, следејќи го примерот дека ако се смениме себеси ќе ги промениме и другите и ќе направиме еден позитивен процес“.
Даниел Евросимоски
* Темата првично е објавена во емисијата „Мегафон“ на РадиоМОФ