„Пратениците го трчаат последниот круг“ е називот на т.н. реформски маратон кој студентската иницијатива Студентски пленум го организира пред Собрание, утре во 11 часот, кога пратениците ќе треба да гласаат „за“ или „против“ воведување на државен испит во високото образование.
Утре ќе биде конечната одлука за тоа дали студентите кои допрвa ќе се запишат на факултет ќе го полагаат државниот испит во втора и во четврта година.
„Пред пратениците во Собранието на РМ ќе се најдат измените на Законот за високото образование во среда. Да одиме и соодветно да ги пречекаме маратонците пред финишот, односно собраниските порти, со громогласен аплауз и честитки во трката за лоши реформи во образованието“, се вели во описот на настанот.
Пленумците ги повикаа сите студенти и граѓани да дојдат со свои пароли и свирчиња „за да ги бодрат маратонците во нивната тешка трка – кој прв да стисне „ЗА“ законот и упропастување на образованието“.
Вчера, претставници од Професорски и Студентски пленум реализираа средба со претседателот Ѓорге Иванов и му ги повторија аргументите против предложените измени. Претседателот сепак, најави дека кога ќе одлучува, тој ќе настапи во својство на државник и претседател, а не како професор.