Хомосексуалноста е болест, а вие ако сте во корак со модата, одете, ама пазете кога одите мора да биде тоа строго покрај ѕид. Ова се зборовите на пратеникот на СНСМ, Драгиша Милетиќ упатени кон пратеникот на ЛП, Ивон Величковски на денешната собраниска седница, каде се дискутираше за предлогот на владејачката коалиција, бракот да се дефинира во Уставот како заедница исклучиво помеѓу маж и жена.
Освен невкусните досетки, пратеникот Драгиша Милетиќ ги сподели и неговите размисли за европското геј лоби кое ја ставало Македонија во опасност.
„Во многу работи се согласувам со вас, но не се согласувам дека не сме во опасност кога е во прашање геј популацијата. Тие се изјаснија сами колку ги има, знаете колкав притисок врши Европа и што чекате да бидеме пата пата со нив. Ако една држава европска види дека е со Устав заштитен бракот, нема да имаме толкав проблем да вршат притисок на нас како што направија врз некои држави во Европа. Почнуваат да се пробиваат и да бараат да имаат свои права, и нема да застанат на тоа, има да одат на изедначување на бракот со маж и жена. За време на социјализмот тоа беше казнива категорија и тоа за мене беше исправно. Не е омраза, за мене тоа е болест, а вие одете си во корак со модата. Само пазете кога одите, мора да одите строго покрај ѕид“, рече пратеникот Милетиќ.
По ова излагање на претставникот на граѓаните следеше гласна смеа па дури и аплауз од одредени пратеници, по што на говорница повторно излезе пратеникот Величковски кој на Милетиќ му одговори:
„Еве ќе стојам вака и веројатно сум доволно заштитен од масата. Иако не се согласуваме за многу работи, очигледно не е проблем хомосексуалноста како сексуална определба, туку нејзината употреба во политиката“, рече Величковски. Тој претходно истакна дека постапките на Владата не одат во прилог на тезата за заштита на бракот и семејството и побара толерантен пристап кон различните групи во општеството.
Пратеникот на СДСМ, Игор Ивановски по настанувањето на ваквата атмосфера во народниот дом, побара пауза за како што рече „враќање во нормала на одредени пратеници“.
„Се слушате ли на што се смеете? Срамота, ова е Собрание, и вие се смеете и аплаудирате…Апелирам да направиме пауза за одредени пратеници овде да се вратат во нормала“, рече Ивановски, по што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски даде пауза од половина час.
Претходно пратеникот Влатко Ѓорчев го бранеше предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија, поднесен од повеќе пратеници од владејачката коалиција, бидејќи според него бракот треба да биде заедница исклучиво помеѓу еден маж и жена.
„Бракот како заедница е составен дел од човековата историја, претставува константа и тој е еден од основните столбови на општеството. Вака дефининирана во Уставот институцијата брак ќе биде дополнително афирмирана и промовирана во нашето општество и Македонија треба со уставни механизми да ја определи и заштити традиционалната дефиниција за браковите“, рече Ѓорчев.
Владејачката коалиција на претходните расправи не доби поддршка за предлогот за промена на Уставот. За да поминат измените, потребно е двотретинско мнозинство кое не може да се оствари без гласовите од пратениците на ДУИ и СДСМ.
Во едногодишната студија на Амбасадата на Кралството Холандија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Македонија, која излезе неодамна се вели дека скоро секој припадник на ЛГБТИ заедницата во Македонија, без разлика на која група припаѓа, се соочува со голема дискриминација поради сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Македонија годинава се најде на дното во Европа според почитувањето на ЛГБТИ правата, откако европската организација ИЛГА и додели оценка од 13%. Пред земјава, на табелата се наоѓаат сите балкански земји, па дури и Косово со оценка од 14%.
К.О.