Предадена петицијата за запирање на градбата на Панорамското тркало во Скопје

Петицијата за запирање на градбата на Панорамското тркало во Скопје, покрената на интернет во декември, стигна до градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски. Граѓанинот кој одлучил да преземе акција и да ја достави петицијата до луѓето за кои е наменета е Горазд Смилевски, кој на Фејсбук објави фотографија од физичката копија од петицијата како ја доставува до Град Скопје.

Во предметот за достава на петицијата пишува:

„Во име на 7882-те потписници на оваа петиција спроведена електронски во периодот од 23.12.2016 до 03.01.2017, Ви ја доставувам истата во знак на протест против одлуката за градење на Панорамско тркало во Скопје и барам, во името на сите загрижени граѓани да ја запрете изградбата на овој финансиски бесмислен и за градот и жителите опасен проект.

Во очекување на поканата за директна средба на која детално би Ви ги пренесол мотивите, коментарите и барањата на потписниците на оваа петиција,

Искрено,
Горазд Смилевски, жител на Град Скопје“.

Инаку, објектот Панорамско тркало е еден од најконтроверзните во проектот „Скопје 2014“, кој државата ќе ја чини 20 милиони евра.

„Рокот за изградба е пет години. Панорамско тркало ќе има дијаметар од 57 метри, а целиот објект ќе се издигне 73 метри над брегот на реката. На тркалото ќе бидат поставени 30 кабини во форма на гондоли со носивост од од 750 килограми, односно просечно осум места за возрасни и две за деца во секоја од кабините“, се пишуваше во онлајн петицијата.

Потписите собрани од онлајн петицијата се упатени до градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, но и до Владата.