Граѓанската иницијатива Спас за Валандово ги собра потребните потписи за распишување на референдум на локално ниво во Општина Валандово.
„Денес, 9-ти јуни, 2017та година, во име на сите 2213 потпишани граѓани на Општина Валандово, поднесуваме предлог Барање до Советот на Општина Валандово да донесе Одлука со која ќе распише референдум на локално ниво, на кој граѓаните ќе се произнесат дали се ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол“ и дали се ЗА или ПРОТИВ изградба на рудници на металични суровини на територија на Општина Валандово сега и во иднина“, објавија од Спас за Валандово.
Согласно законските рокови и Статутот на Општината за распишување на референдумот, бараат да биде одржан на 09.07.2017 (9-ти јули, 2017 година, недела), со следните прашања:
- Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс “Казандол”?
- Дали сте ЗА или ПРОТИВ отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?
Дополнително, бараaт горенаведените одлуки на Советот на Општина Валандово да бидат донесени во најбрз можен рок, но не подоцна од понеделник, 12-ти јуни, 2017та година.
„Доколку Градоначалникот на Општина Валандово, Претседателот на Советот и Советот на Општина Валандово не ги донесат горенаведените одлуки заклучно 12ти јуни 2017та (понеделник), како граѓани на Општина Валандово сплотени во граѓанската иницијатива Спас за Валандово, почнувајќи од 13ти јуни (вторник) ќе пристапиме кон радикални чекори користејќи ги сите демократски облици за изразување незадоволство: секојдневни блокади и протести на крстосница Валандово-Пирава-Марвинци, сè додека нашите барања не бидат исполнети од страна на Советот на Општина Валандово“, потенцираат од здружението.