Општина Тетово одлучи да ја прекине наставата во градинките, основните и средните училишта поради енормното загадување на воздухот. Според одлуката, која беше донесена по бојкотот и протест на дел од учениците, наставате нема да се одржува до крај на полугодието.
„Донесовме одлука наставата да биде прекината до крајот на првото полугодие, а во меѓувреме Општина Тетово и понатаму ќе ги спроведува мерките за намалување на загадувањето. Ќе се мијат улиците со калциум магнезиум ацетат и ќе продолжиме со воведување зонско паркирање во градот. За наредната година ќе го ставиме во функција и претпријатието за јавен транспорт“, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.
Во петок пак движењата „Еко герила“ и „Мајка и дете“ најавуваат голем граѓански протест со почеток во 13:00 часот, на плоштадот „Илирија“, во знак на револт за катастрофалната еколошка состојба.
„Нашиот град исчезнува, нашите граѓани се по болниците, на нашите животи им доаѓа крај. Оваа состојба не се толерира. Ова труење не се трпи! ДОСТА ВЕЌЕ!“, велат активистите.
Тетово е еден од најзагадените градови во земјава. Синоќа концентрацијата на прашина во воздухот, односно на ПМ10 честичките се искачи речиси до 1000 микрограми на метар кубен, или 20 пати повеќе од максимално дозволеното.