Премрзнати, но истрајни, средношколците ја минаа втората вечер во кампот пред Министерството за образование и наука. Со чај во рака, криејќи се под чадори и тенди, тие се справуваат со дождот кој не престана да врне цела ноќ.
„Секој ден бројот на средношколци кои преспиваат во кампот се зголемува. Ноќеска преспаа над 70 средношколци. Поддршката е се поголема, како од граѓаните, така и од родителите и професорите“, велат од Средношколскиот пленум.
Импровизираниот камп плива во вода, јавува репортерката на Радио МОФ. Уште рано утрово граѓани доаѓаа во кампот каде носат храна, вода, но и тенди што треба да им помогнат на учениците да функционираат на лошото време. Собрани се над 900 потписи на петицијата за поддршка на пленумот, која беше отворена вчера.
„Условите се тешки, но ние сме истрајни во нашите барања за подобро образование во корист на сите средношколци“, вели за Радио МОФ еден од средношколците кој ноќеска преспа во кампот.
Третата средба со претставници од МОН е закажана за денеска во 11:30 часот. Од Пленумот повторуваат дека се оптимисти и се надеваат дека ќе биде најдено решение.