Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги потпиша указите за прогласување на законите од областа на образованието, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 14 јануари 2015 година, јавува МИА.
Како што соопшти Кабинетот на Иванов, тој ги потпишал указите „врз основа на сите извршени анализи и консултации во изминатиот период, како и од констатациите произлезени од бројните средби со најдобрите студенти од сите универзитети во Република Македонија што редовно се одржуваа изминатите шест години“.
Заедничка констатација од сите овие средби беше дека Република Македонија има неспорна потреба од успешна трансформација на високото образование, дека на нашата земја ѝ се потребни студенти и професори препознатливи и конкурентни на глобалниот пазар на знаење, се вели во соопштението од кабинетот на Претседателот.
„Претседателот Иванов доби цврсто уверување од предлагачот на законите дека во наредниот период ќе биде организирана сеопфатна стручна расправа за најсуштествените прашања од сферата на високото образование со релевантните субјекти од оваа област, претставници на студентите и меѓународни експерти за високо образование. Од сите овие активности и инклузивен дијалог ќе произлезе целосно нов закон за високо образование“, стои во соопштението од Кабинетот.
Македонскиот претседател исто така доби ветување од предлагачот на законите дека обврските на академската заедница, предвидени со овие законски измени, ќе кореспондираат со зголемено вложување на државата во научноистражувачката дејност, со што ќе се овозможат неопходните предуслови за исполнување на тие обврски.
„Претседателот Иванов смета дека само на овој начин Република Македонија ќе може да се приближи кон современите меѓународни научни достигнувања“, стои во соопштението.