Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска, по нивно барање, прими претставници на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“ позната во јавноста и како Професорски контра-пленум.
На средбата, како што информираат од кабинетот на Иванов, претставниците на Иницијативата ги образложија своите видувања во врска со предложените законски измени во областа на високото образование и потребата од подигнување на квалитетот на високото образование во земјата.
Претседателот Иванов уште еднаш изрази загриженост за тенденцијата на поделби во академската заедница и изрази жалење што беше одбиена иницијативата за одржување заедничка средба денеска на претставниците на Професорскиот пленум, на Студентскиот пленум и на „Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование”, информираат од кабинетот.
„Граѓанската иницијатива за поддршка на знаењето во високото образование“ ги поддржува најавените реформи во високото образование и се залага за воведување државен испит за студентите. Од друга страна пак Професорскиот и Студентскиот пленум кои вчера се сретнаа со Иванов категорично се против воведување државен испит и новите реформи бидејќи сметаат дека со нив се урива автономијата на Универзитетот.
Изминатиот период, повеќе од десет илјади студенти излегоа на три студентски протести со кои побараа да се повлече владиниот предлог за државниот испит. Студентскиот пленум за утре закажа нови протести пред Собранието на Република Македонија, бидејќи измените во Законот за високообразование се ставени на дневен ред и се очекува пратениците да ги изгласаат со што ќе го озаконат државниот испит.