Фотографии кои покажуваат загадување од РЕК Битола, потпалување на ѓубришта, диви депонии, беа само дел од материјалите што денеска се најдоа на таканаречениот„Ѕид на срамот“, поставен од граѓанското здружение „За нас се работи“.
Акцијата е во рамки на серија настани за информирање и за едуцирање на граѓаните, не само на тема екологија, туку и за нивната вклученост во носење одлуки од локалната самоуправа. Од „За нас се работи“ велат дека граѓаните ќе можат и во наредните денови да пријавуваат проблеми со загадувањето на воздухот, водата и на почвата во овој град, како и идеи за нивно решавање.
Материјалите што ќе ги добијат, ќе ги достават до институциите и ќе бараат решавање на проблемите со животната средина.
Граѓаните ќе можат да пријавуваат еколошки проблеми и преку веб-страницата на здружението „За нас се работи“, нивната имеил адреса zanasseraboti@gmail.com, на нивната официјална Фејсбук страница, или пак со пополнување на онлајн формулар достапен на овој линк. Доставените материјали треба да ја содржат локацијата каде се наоѓа проблемот, од кога постои, видот на проблемот, фотографија и решение доколку имаат граѓаните.