Во Централното основно училиште „Јосип Броз“ во Струга и во подрачните паралелки на ова училиште во селата Враништа и Мислешево наставата денеска е во прекин, затоа што нема греење во училниците, пренесе Радио Слободна Европа.
Директорот на училиштето вели дека родителите синоќа одлучиле да не ги испраќаат децата на настава, се додека не се реши проблемот со греењето.
Општина Струга информира дека тендерот за набавка на нафта е завршен и оти во текот на наредните денови нафтата ќе биде испорачана во струшките училишта. „Јосип Броз“ е најголемото основно училиште во општина Струга во кое учат околу 800 деца.
Минатата недела ученици од средните училишта „Нико Нестор“ и „Ибрахим Темо” во Струга, исто така се пожалија во Радио МОФ дека се оставени без греење и се приморани да ја следат наставата во несоодветни услови. Проблеми со греењето имаа и основните кичевски училишта „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Д-р Владимир Полежиновски“. Во понеделникот околу 1000 ученици заедно со своите родители ја бојкотираа наставата бидејќи сè уште немаат парно.
Извор: РСЕ