Граѓанската иницијатива „Заедно против загадувањето на Тетово“ заедно со граѓаните, екологистите и активистите од овој град, во четврток (13 март) во 5 до 12 часот ќе одржат мирен протестен собир на градскиот плоштад во Тетово.
Барањата на граѓанската иницијатива се:
-Да се преземат итни мерки за чистење на градската депонија.
-Да се запре движењето на возилата во градот на одреден временски период и денови, да се користи бесплатен градски превоз.
-Да се забрани горење на различниот отпад како што е пластиката, гумата и други отпадоци кои ги создаваат домаќинствата. Да се спречи палењето на јавниот отпад од градските населби.
-Инспекциските служби да наметнат поставување на филтри на поголемите индустриски капацитети кои го загадуваат воздухот.
-Да се изградат паркови и зелени површини за рекреација и посебни патеки за велосипедизам.
Според неколку месечните мерења на квалитетот на воздухот, Тетово е град со најзагаден воздух во Македонија, истакнуваат од иницијативата „Заедно против загадувањето на Тетово“ во која учествуваат Младински образовен форум, Друштво на екологисти – Тетово, Младинска Алијанса и ЛГБТ Јунајтед Македонија. Своите активности оваа Иницијатива ги реализира во општините: Тетово, Брвеница, Боговиње, Желино, Теарце и Јегуновце.