Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје најави прв фестивал на европската литература во Македонија „Букстар“ (Книжевни ѕвезди) кој ќе трае до крајот на октомври. Во рамки на фестивалот ќе има Саем на европската литература, гостувања на странски и на домашни автори, неколку промоции и други фестивалски содржини.
Во главната програма фокусот ќе бидат гостувања на автори и промоции на нивните дела. Според програмата, на 10 октомври во кино „Фросина“ ќе гостува Изабел Вери, добитничка на Европската книжевна награда во 2013 година, и ќе биде промовиран нејзиниот роман „Обескостена“. На 22 октомври, во Скопје доаѓа бугарскиот писател Захари Карабашлиев за во галеријата на МКЦ да биде промовиран неговиот роман „18% сиво“. Двете книги се објавени со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.
Во рамки на Фестивалот на европската литература, цел октомври во Книжевниот центар „Антолог“ ќе се одржува Саем на европската литература, на кој сите книги од европски автори ќе се продаваат со попуст од 20 до 50 отсто.
„Антолог“ планира секоја година на фестивалот да промовира и македонски автор преку програмата „Македонска поддршка“, со цел да се прикаже богатата продукција на македонската книжевност. Годинава ќе биде претставена младата поетеса и новинарка Биљана Стојановска и нејзината книга „Зборовите немаат значење“. Книгата ќе биде промовирана во фоајето на киното „Фросина“, на 13 октомври.
За да можат читателите одблизу да ги запознаат авторите, во новоотворениот Книжевен центар „Антолог“ ќе се одржува и програмата „Лично авторот!“ кога читателите ќе имаат можност лично да поразговараат со писателката Изабел Вери (на 10 октомври од 12 часот) и со Захари Карабашлиев (на 24 октомври во 10 часот).