[Радио МОФ] Топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2014 година

Студентските протести беа најважниот настан по кој голем дел од младите засекогаш ќе ја запаметат изминататa 2014 година. Во селекцијата на Радио МОФ за 10-те настани кои ја обележаа годината што изминува, а беа важни за младите луѓе, се најдоа и бројните еколошките протести, проблемите во студентските домови, но и неколку музички  настани…

Проверете кои се топ 10 настани по кои младите ќе ја паметат 2014 година:

1. Студентските протести и државниот испит

Годинава се случија најголемите студентски протести во Македонија. Повеќе од 10 илјади студенти, организирани од Студентскиот пленум излегоа во три наврати јасно и гласно го искажаа својот револт од предлогот за воведување државен испит на универзитетите, но и од недостигот на дебата и глувоста на Владата и МОН кон студентските барања.

Студентскиот пленум на УКИМ организираше три големи протести во Скопје. На првиот протестен марш излегоа околу 3 000 студенти, кои се движеа од платото на УКИМ, кон Владата, симболично го погребаа Студентскиот парламент, за маршот да го завршат пред Министерсвото за образование каде го доставија првото писмо со студентските барања.

Поради игнорантскиот однос од надлежните, десетина илјади студенти по вторпат маршираа низ Скопје, овојпат од УКИМ, кон Собранието, за да стигнат пред Владата извикувајќи „Доста беше молк“, „Студенти, независни и силни“, „Екстерно за Владата“.  Кон крајот на декември студентите  по третпат излегоа на масовен протест пред Влада каде уште еднаш кажаа „Не“ за државниот испит. Освен во Скопје, протести имаше и во Битола, Прилеп и Штип, а поддршка за студентите стигна од голем број професори од земјава и светот, од колегите студенти, од студентските организации.

2. Протестите за чист воздух и еколошките акции

Годинава мина и во знакот на протестите за почист воздух. Иницијативата „Заедно против загадувањето во Тетово“, низата протести во населбата Железара против загадувањето од „Макстил“, протестите за воздух во Битола, но и иницијативата за „Спас на Радика“беа еколошки настани кои ја обележаа 2014 година.

Во голем дел од нив младите  беа и учесници и организатори, при што бараа да запре труењето на граѓаните и да биде испочитувано нивното уставно право на чист воздух и здрава животна средина .

Битола

3. „Операција студентски дом“

Годинава и светот слушна за неподносливите услови во кои живеат станарите на студентскиот дом „Гоце Делчев“ благодарение на активноста на студентите од „Операцијата студентски дом“. Фотографиите на кои се гледаат влагата, истрошените ѕидови и распаднатите тоалети на почетокот на март беа објавени во повеќе светски медиуми. Надлежните потоа најавија реновирање на само еден блок од домот, кој според првичните најави требаше да биде готов до крајот на летото. Рокот подоцна беше поместен до март 2015 година.

4.Музички настани

За годинава издвоивме и три музички настани кои останаа запаметени кај младите. Потсетуваме на концертот „Здраво Млади“, и „!!! Чк чк чк“ пред  скопската публика, потоа извонредниот настап на Дерик Меј и Македонската филхармонија летово во Охрид, но и на последниот концерт на култната македонска група „Беј д фиш“, која годинава престана со работа.

5.„Skopje Creative Hub“

Летото за првпат во Македонија се организираше настан како „Skopje Creative Hub“. Фестивалот се одржа од 29 август до 9 септември во МКЦ, со фокус на интервенцијата и промоцијата на алтернативната употреба на јавниот простор. Идејата на настанот е преку здружување и вмрежување на странски и локални млади, креативни професионалци кои ќе водат работилници заедно со студентски групи, да се промовира критичкото размислување и да се поттикне јавната дискусија за јавниот простор.

6. Конференција Е-општество: млади и медиуми

Водечки експерти и активисти од 14 земји пристигнаа во Скопје за да бидат дел од конференцијата  Е-општество: млади и медиуми која се одржа на 7 и 8 февруари во МКЦ. На конференцијата беа претставени и резултатите од неколкумесечното истражување за младите и медиумите во 11 земји од Југоисточна Европа кое потврди дека младите малку им веруваат на содржините пласирани преку медиумите, но и дека радиото го сметаат за најдоверлив медиум.

7. Штрајкот на професорите на УГД

Летово, за првпат во Македонија тројца незадоволни професори штрајкуваа со глад. Универзитетските професори Крсте Шајновски, Маргарета Матлиевска и Александар Костадиновски 21 ден штрајкуваа со глад затоа што и покрај тоа што ги исполнуваа условите не беа избрани во повисоки звања, со што го изгубија работното место на Економскиот факултет во Штип. Кон штрајкот подоцна им се придружија и дел од членовите на СОНК, а поддршка стигна од повеќе организации, колеги и студенти. Сепак, и покрај истрајноста на професорите во штрајкот и нивното нарушено здравје, Штипскиот универзитет не ги врати на работа.

8.Нападот на Дамар и протестите пред Обвинителството

За време на роденденска забава за одбележување на вториот роденден на ЛГБТИ Центарот за поддршка група од дваесетина маскирани лица го демолираа „Дамар“ и повредија две лица.

-

Бидејќи институциите и овојпат затаија, ЛГБТИ активистите и нивните поддржувачи излегоа на неколку протести пред Јавното обвинителство со кои побараа институциите да ја завршат својата работа, да ги пронајдат напаѓачите кои го демолираа кафе барот „Дамар“ при што ја упатија својата порака до надлежните „Истрагата е во тек…До кога?

9. Хуманитарната акција за помош на погодените од поплавите во Србија и БиХ

Пролетта голем број македонски граѓани се солидаризираа со соседите во Србија и БиХ кои беа погодени од досега невидени поплави. Граѓаните се организираа преку социјалните мрежи за собирање помош , по што акцијата ја продолжи Црвениот крст на Р. Македонија. На телефонските линии за донација на Црвениот крст преку трите мобилни оператори беа собрани околу 120 илјади евра, а под притисок на граѓаните Владата се откажа од ДДВ-то на донациите за Србија и БиХ.

10. Повеќе училишта останаа без греење на почетокот на грејната сезона

„Бојкот на наставата во Кичево – основците без парно греење“, „Продолжуваат проблемите со греењето во струшките училишта“, „Парно само за прва смена во тетовските училишта“, беа само дел од насловите кои алармираат за проблемот со парното во училиштата на почетокот на секоја грејна сезона. Освен во училиштата, смрзнуваа и студентите во студентските домови во Скопје, но и на дел од факултетите во текот на предавањата.

БОНУС: Започна да се спроведува програмата ЕРАЗМУС+

Erazmus-Mundus

Во јануари 2014 година Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го објави повикот до сите заинтересирани субјекти, професори, студенти, наставници, стажанти, волонтери, младински работници, да аплицираат со проекти за искористување на средствата за млади од Европската Унија.

Одобрена од Европскиот парламент, „Еразмус + “ новата програма на ЕУ за образование, обука, млади и спорт во рамки на седумгодишната програма ќе има буџет од 14,7 билиони евра или за 40% повеќе од претходно.

МЛАДИТЕ ОДЛУЧИЈА: 2013 година останува запаметена по пожари и протести!