Младите во 2017 година се обидуваа да одржат напредна мисла и здрав разум во ек на политички, социјални и културни бранувања. Македонија навидум излезе од политичката криза, доби нова Влада со нови ветувања, а младите посведочија референдуми, пожари, протести. Позитивно напојување донесоа индивидуални достигнувања и граѓански иницијативи. Имаше плодна година и за спортски и музички настани. За секој по нешто.
Ова е изборот на Радио МОФ на настани по кои ќе ја паметиме 2017 година:
1.Упад во Собрание и политичка криза
Предвремените избори од декември 2016 не ја стабилизираа земјата. Политичките комбинаторики за формирање нова Влада создадоа нов револт. Низ македонските улици се одржуваа протести, овој пат предводени од „За заедничка Македонија“ која два месеци повикуваше на маршеви против „редефинирање на државата“.
Ситуацијата кулминираше на 27 април. Луѓе што протестираа и маскирани лица насилно упадаа во Собранието, со цел, како што тврдеа, да се спречи нелегитимен избор на Талат Џафери за собраниски спикер. Ги немаше полициските сили за да спречат напад на над 100 повредени лица.
За насилството врз пратениците и медиумите сведочеа и повеќе новинари. Снимките од законодавниот дом оставија црна трага за политичкото, но и демократско живеење во земјата. Вестите за „крвавиот четврток“ одекнаа низ цел свет.
Новинари сведочат за упадот во Собранието и насилството врз пратениците и медиумите
Меѓувреме, јавноста реагираше за низа настани. Млади луѓе со боксови и клоци нападнаа новинарска екипа на протест, па побегнаа. Јавно се дискредитираа критички новинари. Средношколци беа натерани да излезат од училница за камерите да снимаат дека „се собираат за марш за заедничка Македонија“. На влезна врата од училишта се лепеа натписи „Парични казни од 5.000 евра за секој што не знае албански“. Во некои школи се делеа испринтани двојазични пари.
Реакциите не престануваат – за само неколку дена низа случаи и инциденти со млади граѓани
Македонија во јуни доби нова Влада на чело со премиерот Зоран Заев. Процесот беше трасиран со безброј преговори, договори, на-ти-го-дај-ми-го мандатот, осуди, медиумски препукувања… Од се’ по многу. По локалните избори во октомври, СДСМ доби 57, ДУИ 10, а ВМРО-ДПМНЕ 5 градоначалници. Допрва се анализира колку сработила новата централна и локална власт, иако често во фокусот беше договорот со Бугарија, Планот 3-6-9, Законот за употреба на јазици и вработувањата во Владата.
Истече рокот за поднесување обвинувања на СЈО, но трите „чарлиеви ангели“ продолжуваат со истраги. Катица Јанева и екипата чекаат дали ќе се припојат кон Јавното обвинителство, по мандатот во 2020 година. Настрана од СЈО, во фокусот беа и процесите и протестите за обвинетите за 27 април. Исто така, ОЈО во октомври почна да повикува сведоци за скандалозните студентски избори, кога се крадеа кутии и тепаа студенти.
2.„Десоросоизација“ и притисок врз организации
Поимот „десоросоизација“ од протестен собир пред седиштето пред ДИК, во 2017 се прошири и по медиуми. Се прошета по прес-конференции. Движењето „Стоп Операција Сорос“ на старт од годината тврдеше дека во граѓанскиот сектор е завладеано тоталитарно едноумие, со цел „да се избришат нации со влијание однадвор“.
Паралелно со медиумскиот притисок, во првата половина на годината, над 20 организации станаа мета на УЈП и финансиска полиција. Инспектори со месеци „чешлаа“ и водеа финансиски истраги, иако се работеше и за непрофитни организации, голем дел соработници со млади граѓани. Македонскиот дел од социјалните мрежи истовремено беше преполн со термини како „платеници“, „предавници“, „сороспии“ и останати вулгарности и говор на омраза.
Од „десоросоизацијата“ граѓанското општество излегува со лузни и нови научени лекции
Aпел да не се злоупотребуваат институциите упатија повеќе видни личности, активисти, евроамбасадорот Самуел Жбогар, но и Народниот правобранител. НВО секторот ја карактеризираше ситуацијата како обид за нивно замолчување и оркестрирана хајка која треба да предизвика страв, стрес и штета на граѓанското општество. Последно од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски беше дека истрагата на невладините е завршена и не се пронајдени нелегални дејности.
3.Предизвици и бенефиции за младите
Тргна приказната со РИКО (Регионалната канцеларија за младинска соработка за Западен Балкан) откако на македонска адреса стигнаа странските критики, директно од Самитот на ЕУ за Западен Балкан кој се одржа во јули, во Трст. Националниот младински совет на Македонија докажа дека избраниот македонскиот претставник во РИКО Бојана Наумоска, на нерегуларен начин ја добила позицијата, по што беше симната од функцијата. И најважно, во 2017 година се отворија фондовите на РИКО за финансирање заеднички проекти на младите од Балканот.
Политичарите решија да ги задржат младите во земјава преку реализирањето на Гаранцијата за млади. Се создаде и владино координативно тело, кое ќе работи на низа мерки за полесно вработување на младите, но нивното спроведување ќе почека, догодина.
Беше доделена и првата награда за младинско учество од УСАИД. Ја добија нашиот радиоводител Александар Матовски Цако и младио готвач Антонио Ѓорѓевски.
[ФОТО] Доделени наградите на УСАИД за младинско граѓанско учество
4.Укинување на екстерно и разни случувања во образованието
По долг период негодувања и протести од ученици и наставници, годинава беше укинато екстерното тестирање. Со школската година се воведе двосменско работење на градинките. Владата тврдеше дека до крајот на годинава ќе биде завршена изградбата на 13 детски градинки со кои ќе се згрижат 682 нови деца. Преку програмата 2017-2020 најави задолжително предучилишно образование.
За основното образование повторно беа актуелни лектирите. Алармантните состојби со загадувањето отворија дебата за тоа како да се воведе екологија во училиштата, a дел реагираа дека училиштата се претворени во установи за дискриминација. МОН најави ревизија на учебниците.
Конференција: Училиштата претворени во установи за дискриминација
Професори, пленумци, синдикати и организации заедно со МОН ги „гланцаа“ измените во Законите за средно и високо образование. Се начна потребата за измена во средношколското организирање, за поангажирани ученици, а Професорски пленум и УКИМ даваа свои предлози – автономија или централизација на моќ. Со укинувањетото на дисперзираните студии на УКИМ и делумно редуцирање на другите универзитети, во академските кругови се полемизираше дали тие се заштеда или популизам, квалитет или квантитет.
Синдикатите во образованието побараа поголеми плати и подобрување на општествениот статус на наставникот. Сеопфатното сексуалното образование остана само за јавни конференции. Дека ќе има, ама не се знае кога. Медиумската писменост, пак, воопшто не се спомна во Стратегијата за образование 2017-2020, ниту критичката мисла.
Бројни забелешки за Нацрт-стратегијата за образование 2018 – 2025 година
5. Одлични филмови од млади автори
Оваа година мина во знакот на филмот. Не дека политичарите престанаа да прават филмови за народот, туку младите автори станаа одлучни, и покажаа дека вредат. Се почна со приказната за пензионираниот професор по биологија и собирач на стари автомобили, Дионис Пашлаков, која под превезот на „студентски“ филм, мошне успешно ја режираше младиот Илија Цветковски. По неколку години снимање и продукција, беше создаден филмот „Со љубов“, кој ги освои симпатиите на македонската публика и се бараше карта повеќе на неговата премиера на „Македокс 2017“.
Уште поголем успех доживеа приказната за медицинската марихуана, преточена во една реална приказна во филмот „Исцелител“, каде како режисер и сценарист се потпиша Ѓорче Ставрески. Македонската премиера ја имаше на Синедејс, а авторот целосно успеа во намерата да создаде филм кој ќе се закити со бројни фестивалски награди и ќе добие стоечки овации од публиката.
И краткиот филм на Ана Јакимска „Ќе дојдат децата“, влегува во категоријата најуспешни проекти за 2017. Драмата во која се раскажува за млада учителка која пристигнува во едно планинско село за да ги учи децата се закити со повеќе награди и признанија. „Очи“ беше прогласено за најдобро кратко видео на Фестивалот на планински филм ЕХО 2017, а во оваа селекција може да се спомене и филмската приказна „Езеро од јаболка“, за Преспанското езеро.
6. Кул настани во 2017 и одлична музика
Енгејџ, Здраво Млади, Д Фест, Скопје Џез Фестивал и уште многу супер концерти следевме оваа година. Енгејџ се случи на почетокот на јуни и ги собра сите млади и прогресивни луѓе во Кино Култура.
Во Скопје ги слушавме GusGus, во април, на Скопскиот саем во Скопје, кој кратко време потоа беше продаден и престана да постои како објект. Во октомври се одржа долгоочекуваниот концерт на Стинг, во арената Борис Трајковски. На истото место во мај настапи и светски познатата Венеса Меј, а два ноемвриски концерта во МОБ имаше и светски познат гитарист Ал Ди Меола. Младинскиот културен центар „растури“ со концерти, посебно во втората половина на 2017, за вредно за споменување е и одржувањето на единствениот летен отворен фестивал во земјава, со кампување и дожд, Д фестивал, кој го имаше своето седмо издание.
7. Супер купот во Скопје
Супер купот во Скопје е настан кој ја одбележа 2017 година, кога Реал Мадрид станаа европски шампиони. Скопје неколку дена беше фудбаски центар на Европа. И цените на сместувањето рипнаа до небо, од неколку стотини до илјадници евра за ноќ. Така на пример, студентскиот дом Пелагонија издаваше соби и по 150 евра за вечер. Странците не го бендисаа студентското сместување во Македонија.
Вардар станаа европски шампион во ракомет, а одличен успех имаа младите фудбалери. Останаа да се паметат и сториите за младата Дебора – балкански првак во таеквондо, Ангела Прилепчанска – јуниорката во уметничко лизгање, Давид Мијалов – шампионот во триатлон…
8.Плодна година за протести и герила-акции
Се изредија протести и иницијативи за почиста животна средина. Граѓаните побараа конкретни и „опипливи“ мерки, а не трпење отрови заради социјален мир. Ја потсетија и новата власт за ветувањата и одговорноста за загадувањето. Се формираше 02 Коалиција за чист воздух – здружена иницијатива на повеќе организации и активисти, за да се реагира континуирано, 365 денови, а не само кога ќе „запече“ на нос и очи.
[Фото + видео] Граѓани протестираа пред Влада и ја потсетија власта за одговорноста за загадувањето
Април и декември се организираа протести за хуман пристап кон кучињата. Маршевите дојдоа откако сликите со отруените кучиња станаа секојдневние, црна дамка за омразата што се генерираше кон бездомните животни. Активистите побараа да престане анимозитетот кон уличните кучиња и притоа да се спроведат системски решенија, место граѓани да тераат крвава „правда“ на своја рака.
Протест против масовното труење: Правда за животните, затвор за трујачите
Се правеа и герила-акции. Активисти на патниот правец Штип-Радовиш поставија косач на смртта, како предупредување на бројните сообраќајки по патиштата. Транспарент „Една вечер поезија, 365 вечери депонија“ висеше од дрвениот мост во Струга, додека се одржуваше Струшките вечери на поезијата. Низ Скопје се појавија графити со Гоце Делчев и Питу Гули со гас-маски, активисти во Паркот на Франкофонијата направија поле за подзаборавената детска игра „плочка“, додека во центарот со скулптура на пастрмка се алармираше за изчезнувањето на оваа риба од Охридското езеро.
Ниту Струмица не беше поштедена од „герилците“. На плочникот на плоштадот изникнаа натписи со „Внимавај, расклатени плочки – општествена неодговорност“.
Од иницијативите, „Младите за Ѓорче“ се активираа да го анимираат и обединат младото население. Преку „Живот без пречки, тоалет за секого“ се бараше изградба на тоалети за хендикепирани лица, „Мрдни со прст“ поттикнуваше ангажирање и акции на локално ниво, додека велешки активисти згрижуваа улични животни во импровизиран стационар.
По пишувањето на Радио МОФ, повторно се активираше иницијативата „Едно капаче – една надеж“, која ја презеде Министерството за животна средина. Неуморните велосипедисти од НаТочак одбележаа пет години од првата Критична маса – пет години борба и дружба за подобар вело-град! Приврзаници на иницијативата „5до12“, пак, кампуваа пред Собранието за да укажат на проблемите на лицата со посебни потреби.
9. Републиката во пламен
Летото беше пеколно, во вистинска смисла на зборот. Пламнаа шумите, нелегално се палеа депонии. Гореше Матка, Шишево, Водно, Чашка, Македонски Брод, Маврово.
Гореа и депониите во Тетово и Струга, Ново Лисиче и на десетици други места. И додека партиите се препукуваа пред избори, стружани протестираа за воздух, револтирани од смрдеата која се шири од запалената депонија. А депонијата плануваше одново и одново, цело лето. Ни на тетовци не им беше полесно. Ним проблемот интервентно им го реши Владата – ја исчисти депонијата непосредно пред локалните избори. И и’ помогна на старо-новата градоначалничка, Теута Арифи да добие нов мандат.
Во пожар годинава целосно изгоре градинката во Шуто Оризари, а пламнаа и неколку кабинети на Градежниот факултет.
10.Референдуми против рудници
Југоистокот се разбуди и обедини. Со една желба и мисија, да ги запре изградбите на најавените рудници, десетици на број. Први на против рудници се кренаа гевгеличани. Имаа успешен референдум против, како што рекоа, рудниците на смртта. По нив следеа уште пет референдуми, успешни во Богданци и Дојран, неуспешни во Валандово, Ново Село и Босилово.
Се чекаат официјалните резултати од референдумот во Валандово
Жителите на Југоистокот сите надежи го положуваа во новата Влада, која ветуваше запирање на изградбата на руцници во овој регион. Кога дојде на власт ставовите омекнаа. Рудникот Казандол се гради без прекин, надлежните продолжуваат да одобруваат истражувања за нови рудници. А граѓаните да протестраат.
Радио МОФ