Со извици на бес и исмевање, граѓаните собрани во центарот на Барселона го проследија обраќањето на шпанскиот премиер Маријано Рахој, во кое тој соопшти дека мнозинството на граѓаните не го поддржале референдумот за независност на Каталонија.
Референдумот помина во жесток судир меѓу полицијата и гласачите. На социјалните мрежи беа објавени видеа на кои се гледа како полицијата удира луѓе со пендреци, како влечат гласачи од избирачките места за коса, како се употребуваат гумени куршуми кон граѓаните и како шпанските безбедносни сили напаѓаат каталонски пожарникари.
Шпанските власти пак возвратија со свои објави на насилство врз полицијата, како видео од гласач кој со стол удира полицаец на избирачко место.
Cumpliendo la orden judicial, la @guardiacivil se ha encontrado con acoso y agresiones, como esta en Sant Joan de Vilatorrada#EstamosporTI pic.twitter.com/dAqtiKtCy3
— Ministerio Interior (@interiorgob) October 1, 2017
761 лица се повредени според министерството за здравство на Каталонија, во бруталните судири на граѓаните и полицијата за време на денешниот „нелегален“ референдум за независност на овој шпански регион. Двајца, најсериозно повредени, се наоѓаат во болници во Барселона.
Ferits durant el #referèndum de #1OCT a Catalunya (19.30h) #CatalanReferendum pic.twitter.com/slGsQGQMuW
— Salut (@salutcat) October 1, 2017
Рахој на пресконференцијата непосредно по затворањето на гласачките места изјави дека денеска во Каталонија „не се одржал никаков референдум“. Тој за денешните инциденти ги обвини каталонските лидери, додавајќи дека се надева дека тие сега ќе се откажат од сепаратистичките цели и ќе се вратат во политичката нормалност.
„Одговорноста за овие настани целосно лежат кај оние кои го промовираа расцепот на легалноста и коегзистирањето. Мнозинството граѓани на Каталонија не сакаа да учествуваат во сценариото на сецесионистите. Тие покажаа дека се граѓани кои го почитуваат правото и тивко го игнорираа повикот за гласање. Сите Шпанци го ценат нивниот однос“, рече Рахој, пренесува Гардијан.
Рахој ја пофали шпанската полиција за „одбрана на владеењето на правото“, се заблагодари на Европската Унија за поддршката и рече дека акцијата на шпанската власт била во рамките на законите.
„Не смееме да дозволиме прогресот од последните 40 години да биде заменет со уцена. Денес имаме причини за верба во нашата демократија. Ова само служи за нарушување на нашиот соживот. Нудам дијалог во рамки на законот. Очекувам Каталонците да се откажат од тоа што го направија досега“, изјави Рахој
Локалните власти велат и дека 336 гласачки места, од повеќе од 2.000 низ земјата, се затворени од полицијата.
Во меѓувреме, шпанското министерство за внатрешни работи официјално соопшти за 12 повредени полицајци, три уапсени лица, помеѓу кои и една девојка, за граѓанска непослушност, како и информација дека 92 гласачки места биле затворени во текот на денот.
Полициската акција претежно беше концентрирана во Барселона, главниот град на Каталонија. Не било регистрирано преголемо полициско присуство на другите гласачки места низ регионот.
Пораки на загриженост од насилните сцени стигнаа од Хјуман Рајтс Воч, кои ги повикаа шпанските власти да го почитуваат правото на граѓаните на мирни собири и да се воздржат од насилство. Многу мал број на европски политичари ги осудија сцените, додека официјален коментар на Европската Унија сè уште нема.
Референдумот беше суспендиран од шпанскиот Уставен суд, а полицијата конфискуваше гласачки ливчиња и кутии пред и на почетокот на спроведувањето на референдумот.
Последните анкети покажуваа дека 70% од Каталонците сакале да гласаат на референдумот, иако тие се прилично поделени кога се работи за тоа дали ќе гласаат „за“ или „против“.