Реакциите не престануваат – за само неколку дена низа случаи и инциденти со млади граѓани

Тинејџери на социјални мрежи повикуват на линч и убиства на неистомисленици. Млади луѓе со боксови и клоци напаѓаат новинарска екипа на протест, а потоа бегаат. Младо лице му приоѓа на новинар, го нарекува „предавник“ и го плукнува. Средношколци се натерани да излезат од училница за камерите да ги сликаат дека се „собираат за марш за заедничка Македонија“. Професори им читаат цитати од македонски писатели со пораки „да не си ја продаваат државата“. На влезна врата од училишта се налепени натписи „Парични казни од 5.000 евра за секој што не знае албански“. Во некои школи се делени испринтани двојазични пари. Средношколци  добиваат повици да излезат на протести или наводен бојкот против двојазичност. Студенти преку СМС пораки и соопштенија се собираат пред студентски дом за да протестираат за „унитарноста на татковината“.

Ова се случаи и инциденти регистрирани само за неколку денови, во кои се вклучени или се наменети за малолетни лица, односно генерално млади граѓани. За ваквата инструментализација и манипулација на младите реагираат бројни институции, организации и тела. Реакциите не престануваат. Се редат. Не престануваат ниту апели за да запре институционалната толеранција кон говорот на омраза на политичарите и јавните личности, кои создаваат опасна и небалансирана подлога за младите луѓе да станат армија од дискриминатори, полни со негативни предрасуди и стереотипи.

Народниот правобранител повика веднаш да престане злоупотребата на деца во протестите кои се организираат деновиве, за кои добиле и преставки од родители. Ги предупредува сите инволвирани страни дека секоја злоупотреба на децата подлежи на санкции и укажува дека ќе ги истражи поплаките, и дека доколку навистина се докаже дека одредени лица вработени во образовни институции  биле поттикнувачи, за истите ќе бара најстроги казни, затоа што станува збор за деца кои според сите меѓународни и домашни регулативи уживаат посебна заштита.

„Апел до персоналот во училиштата да не дозволува овие злоупотеби да бидат поттикнувани или да се случуваат пред нивните очи. Децата во никој случај не треба да бидат цел на манипулации и злоупотреби, а училиштата треба да бидам места каде ќе се врши основната дејност воспитно-образовниот процес“, реагира Народниот правобранител преку соопштение.

Првата детска амбасада во светот Меѓаши, реагираше за носењето на деца на протести. Стојат за детските барања за демократија кога станува збор за прашања кои се во нивен интерес, за слобода, ненасилна борба против детската злоупотреба, но, велат тие, никогаш нема да застанат во спрега со поставувањето етнички граници.

„Длабоко сме свесни дека повикувањето на браќа и сестри на етничка основа и секое друго подвојување на етнички и други основи е чекор кој може Република Македонија да ја однесе во граѓанска војна. Организаторите и учесниците на протестите треба да се свесни за одговорноста која ја носат, да ја задржат присебноста, да ја послушаат својата совест и да ги зачуваат демократијата и човековите права во Македонија, секако во најдобар инетерес на децата! Ги повикуваме сите граѓани и граѓанки да внимаваат, политички партии и нивни лидери, здруженија на граѓани, да не дозволат етничкиот предзнак да не донесе во војна во која сите ќе бидеме губитници, а најмногу нашите деца. Постојано говориме дека децата ни се први и пред сé, дека во нивно име ги правиме работите најдобро што умееме и знаеме, но се однесуваме како да не сме свесни колку далеку може да не однесат етничките поделби, националистичките ознаки и пароли, двоења, провокации“, забележуваат од Меѓаши.

Средношколскиот пленум денес остро го осуди вршењето притисок, ограничување на движењето и слободата на учениците. Гласно порачаа дека „додека сме на училиште, не сме ваша сопственост“. Истовремено, потсетуваат дека кога го кренаа гласот против екстерното тестирање кое ја загрозуваше нивната иднина, средношколците беа таблоидно, јавно и транспаретно осудени, заклучувани во училиштата како во поправни домови и тоа беше осудено како начин на кој се узурпира и бесполезно прекинува наставата.

„Сега по само 2 години истите тие господа, директори, професори, нѐ тераат да се приклучиме кон нешто што нималку го компромитира и тангира нашето битисување во училиштата и училишниот систем. Исто така строго го осудуваме обидот и револтирани сме, на изнесените написи во одредени медими кои преку спин и манипулација сакаат да ги претстават учениците кои се на одмор – како се упатуваат на протести во Скопје. Искрено се надеваме дека ваквото пропагандистичко и таблоидно изнесување на вести ќе престане, а средношколците нема да бидат на удар на политички групации. Повикуваме на зрелост и смиреност, а од надлежните институции и ресорното министерство недвосмислена и итна реакција“, соопштија од Пленумот.

Нагласуваат дека средношколците се да го збогатат своето знаење, да инвестираат во својата иднина и во иднината на цела Македонија, да се спротивстават едногласно кон нешто што го попречува и ограничува тој процес .

„‘Средношколците не се ‘живо топовски месо’ ниту „пиони“, а најмалку пак политичари во оваа земја“, констатираат „пленумците“.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), пак, ја осуди кампањата на застрашување и понижување на новинари што последните денови во Скопје ја спроведуваат непознати лица инспирирани од, како што велат, воинствените изјави на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој минатата недела ги повика етничките Македонци преку протести да ја спречат опозицијата да формира влада со партиите на Албанците.

„Кукавички е Груевски да ги инструментализира младите за извршување на валканите работи изложувајќи ги нив и нивните семејства на ризик за неговите политички интереси. Вчерашната примитивна провокација кон новинарот Борјан Јовановски, кој беше исплукан во ресторан и вознемирувањето во семејниот дом на новинарот Бранко Тричковски, е директен напад врз слободата на изразување“, реагираа од ЗНМ.

Од ЗНМ предупредуваат дека ваквите провокации можат да есклаираат во физичко насилство врз новинарите со несогледливи последици.

„Незамисливо е во 21 век во Македонија новинарите да бидат изложени на притисок и малтеретирање за јавно искажан став. Оваа срамна кампања има за цел да ги заплаши и замолчи новинарите и останатите граѓани и сите неистомисленици на власта. Груевски добро знае дека само неинформирани граѓани можат да бидат лесно манипулирани и вовлечени во конфликт. Груевски да престане со ширење на говор на омраза што поттикнува насилство  и да ги вразуми и смири неговите следбеници. Повикот се однесува и на сите политичари и јавни личности да се воздржат од ваков воинствен реченик“, рекоа од ЗНМ.

Б.Ш.