Референдумот во Каталонија се одвива во хаос и судири со полицијата

Контроверзниот референдум за независност на Каталонија, веднаш по отворањето на гласачките места утрово се претвори во хаос, откако шпанската национална полиција упадна на дел од гласачките места, конфискувајќи гласачки кутии и изборни ливчиња.

Во градот Жирона, каде требаше да гласа регионалниот претседател Карлес Пуигдемонт, полицијата упаднала во гласачкото место кршејќи ги стаклата, јавува СНН.

Портпаролот на каталонската влада, Жорди Турул, соопшти дека се отвориле вкупно 73% од гласачките места и побарал трпение од граѓаните, бидејќи нивните компјутерски системи биле под напад.

Во Барселона, кордон на полиција го попречуваше патот на граѓаните до своите гласачки места.

Полицијата го спречува влезот до училиште во Барселона кое е одредено како гласачко место ФОТО: СНН

Шпанското министерство за внатрешни работи побара од каталонските училишта да соработуваат со нивната операција на запирање на референдумот. Видео на шпанската полиција како конфискува гласачки кутии од спортска сала во Тарагона беше објавена на нивниот Твитер профил.

Шпанската централна влада подолг период навестваше дека нема да дозволи одржување на референдум за независност на североисточниот регион, додека шпанскиот Уставен суд веќе го прогласи референдумот за незаконски.

Градоначалничката на Барселона, Ада Колау, на Твитер го изрази своето незадоволство поради интервенцијата на шпанската полиција на референдумот:

„Претседателот кукавица го исполни нашиот град со полиција. Барселона, градот на мирот, не се плаши“, напиша таа.

Реакција на полициската интервенција испрати и лидерот на партијата Подемос, Пабло Иглесиас.

„Гурање, удари, влечење на стари жени. Тоа што го прави Народната партија на демократијата, за мене е одвратно. Коруптивно, лицемерно, бескорисно. Дали е ова „победа“ Маријано Рахој?“, напиша Иглесисас на Твитер.


На социјалните мрежи има и неколку информации дека полицијата употребила гумени куршуми врз граѓаните кои чекале во ред да гласаат на референдумот.

Каталонската влада во петокот информираше дека ќе бидат отворени 2.315 гласачки места, за повеќе од 5,3 милиони избирачи од регионот. Тие денеска гласаат со „да“ или „не“ на едно прашање: Дали сакате Каталонија да биде независна држава, во форма на Република?“

Шпанските власти од вчера тврдеа дека половина од планираните гласачки места се веќе затворени.