Младински образовен форум и фондација Метаморфозис, денес во рамки на конференцијата “е-Општество: Млади и медиуми” ги презентираа резултатите од регионалното истражување за состојбата на младите во медиумите, спроведено во 11 земји од регионот.
Според резултатите, младите од Македонија преферираат да го користат интернетот како медиум и истиот го сметаат за најефикасен. 77% од младите интернетот го сметаат најкорисен за едукација, 75% за информирање, 66%, за забава и комуникација и 60% за промоција. Младите кои се на интернет, најмногу го користат за социјални мрежи и за гледање филмови, серии и видеа, а најмалку за телефонски разговори и за праќање пораки преку е-пошта.
Дополнително, 76% од младите секојдневно читаат електронски вести, а 67% користат интернет на мобилен телефон. Во споредба со останатите медиуми, 58% од младите во Македонија гледаат телевизија на дневно ниво, 40% слушаат радио, 22% читаат печатени медиуми. Дури 14% од младите во Македонија никогаш не прочитале печатен медиум.
Интересен е податок добиен од истражувањето е дека 34% од младите во Македонија никогаш не отишле во кино, а 95% поседуваат телевизор.
Во однос на квалитетот на содржината која младите ја добиваат од медиумите, 47% од сметаат дека медиумите често пласираат лажни факти, 36% сметаат дека употребуваат јазик кој стимулира поделби, а 33% сметаат дека медиумите ги структурираат вестите на пропагандистички начин. Општиот заклучок е дека младите малку им веруваат на содржините пласирани преку медиумите, при што радиото го сметаат за медиум кому најмногу може да му се верува.
По однос на слободата на говор, 47% од младите во Македонија секогаш или често се чувствуваат неудобно и несигурно да објавуваат политички ставови преку медиумите.
Според резултатите, на регионално ниво, младите се ретко застапени во медиумските содржини. Најмногу се застапени во спортските и забавните содржини, а најмалку во економските, политичките и религиозните содржини.
Истражувањето е спроведено во Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Албанија, Косово, Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина и Словенија, при што во Македонија се испитани 1734 млади, 65 медиуми и 37 младински организации, медиумски организации и институции. За истражувањето е употребена квантитативна и квалитатива методологија, преку онлајн прашалници, интервјуа и анализа на документи.
Резултатите од истражувањето се презентирани во рамки на меѓународната конференција “е-Општество: Млади и медиуми”, која денес и утре се одржува во Младинскиот културен центар и на која ќе настапат 40-тина странски и домашни говорници. Говорниците на конференцијата ќе целат да ги предизвикаат традиционалните гледишта за медиумите, да споделат искуства и да отворат дискусија за медиумите од младинска перспектива, медиумите под водство на млади, медиумската писменост, квалитетот на информации, активизмот на дигиталните медиуми, музиката и движењата.