Целиот државен врв знаел за убиството на младиот Мартин Нешковски и се обидел да го сокрие и релативизира, објави денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, повикувајќи се на снимените телефонски разговори меѓу министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, портпаролот на МВР Иво Котевски, шефот на УБК, Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер, како и со премиерот Никола Груевски.
Во разговорите, кои ги објави СДСМ, може да се слушне дека министерката Јанкуловска слушнала за убиството на скопскиот плоштад за време на изборната прослава на ВМРО-ДПМНЕ во 2011, но заедно со своите соработници се обидела да го сокрие пред јавноста, а потоа и да го релативизира.
21-годишниот Мартин Нешковски беше убиен од припадникот на специјалните полициски сили Игор Спасов на 6 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод победата на парламентарните избори. Убиството, но и сомнежите за обид за заташкување од страна на државните органи предизвикаа масовни граѓански протести, кои траеја неколку недели, со барање за оставки и одговорност од власта. Одговорност кај највисоките претставници на МВР немаше, а специјалецот Игор Спасов беше суден и осуден на 14 години затвор.
По денеска објавените разговори со кои се откриваат детали за случајот „Нешковски“, граѓани и граѓански организации преку социјалните мрежи најавија протест во 18:00 часот пред Владата на Република Македонија.
Во еден од разговорите што ги објави лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, може да се слушне разговор меѓу премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи,Гордана Јанкулоска кои ја договараат последната стратегија како да го покријат убиството на 21-годишното момче Мартин Нешкоски.
Еве транскрипт од дел од разговорите:
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков
ГЈ: Ало?
ИК: Ало, ај момент само со директорот да се чуете, па после…
ГЈ: Ајде.
СМ: Ало?
ГЈ: Ало. Еј, што направивте?
СМ: Горде. Тука се кај мене сите, Горанчо, Иво…
ГЈ: Аха.
СМ: Слободно можеш да кажеш дека е расчистено.
ГЈ: И што испадна?
СМ: Е испада од ЕЗС припадник, му има удрено не сакајќи, незгодно и овој починал, што да правиш, тоа е.
ГЈ: Добро сега. Се случуваат и такви работи, тоа е тоа.
СМ: Се случува. Битно го расчистуваме.
ГЈ: А не бил на должност, така…овој?
СМ: Бил на должност, како не.
ГЈ: Бил, а?
СМ: Па бил на должност по усмена наредба, знаеш кога има такви настани обично се испраќаат да го обезбедуваат просторот. Не го обезбедувал Премиерот, туку просторот.
ГЈ: Да де да. Јавен ред и мир.
СМ: На митингот.
ГЈ: Ништо сега, тоа е. Кој и да е.
СМ: Тоа е. Овие што дигаат паника па ти. Кај се решава ваков случај у еден саат, што сака…
ГЈ: Не бе, ние да немаме притисок…
СМ: Починал ноќеска и утре сабајле до 10 да расчистат.
ГЈ: И никој не кажал. Пак е индикативно што…
СМ: Идентификуван и покојниот. Особено ни требаше еден ден, ќе се каже дека…
ГЈ: Да де да, Иво ќе си објасни тоа.
СМ: Дека покојниот никој не го пријавил. Го идентификувавме со отпечатоци.
ГЈ: Кој испадна сега дека е?
СМ: Ало?
ГЈ: Ало? Кој испадна дека е убиениов?
СМ: Некој џанкер.
ГЈ: Добро, ама и тоа нека си се каже. Да се спомне дека уставри имал нарушено здравје…
СМ: Вината знаеш ја префрламе на него. Џанкер не џанкер, тоа е негова определба животна.
ГЈ: Да де да. Не добро, сега ние и да е џанкер не…
СМ: Го нема направено со умисла…
ГЈ: Не е решение…
СМ: Нити пак со сигурност сакал да го убие, тоа ти е. У таа гужва…Е сега за комуњарите, што да речам сега?
ГЈ: Нека пукнат!
СМ: Да не помислат на оваа работа. Една работа не ни помина без некој малер.
ГЈ: Супер ова што се расчисти, да си го тераме ние другово од вчера.
СМ: Да, да, да. Еве Иво искача, ќе ги вика овие и готово.
ГЈ: За да не земат централно место. Сега за што ќе протестираат? Добро, супер, штом се расчисти одлично. Одлично.
СМ: Е така. Кажи ми ако е таму Премиерот, кажи му и готово.
ГЈ: Па ќе му кажам. Јас искочив за да зборам на телефон, да не ме слушаат сега цела Влада. Ќе му кажам сега да знае дека е завршено.
СМ: Океј.
ГЈ: Океј. Ајде.
СМ: Ајде. Чао.
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер
МП: Ало
ГЈ: Што праиш бе Мартин?
МП: А бе детево наш член било, од Карпош.
ГЈ: Па јас ти кажав. Приказната шо ти ја кажав преѓе, таа е.
МП: Мм.
ГЈ: Значи, до збор.
МП: Од овие некој?
ГЈ: А бе со усна наредба…чекај сеа вака, меѓу нас кажано, на кого може Урковци усна наредба да му издадат у единица у која не се старешини? Така?
МП: Ммм.
ГЈ: Се нервирам, зошто еве, за ваков случај, не можеш бе да го скриеш. Не можеш да го скриеш. Убиство имаш, мртов човек имаш. На време, да не нé кочеа…
МП: А, што е причината за убиството?
ГЈ: А бе, не е…види сеа, причината за убиството. Овој, преѓе шо ти кажав, дошол малиот у Дом на АРМ, сакал да влезе, овие го избуткале, пошто овој што е од Тигриве, од нивнава банда, бил таму. И после го видел уште еднаш на искачање, кога искачавме од АРМ и детево се сопнало и овој го скршил од мавање. Значи, нити бегал, нити не давал да му стават лисици.
МП: Леее…
ГЈ: Се нервирам, значи, два дена фактички, еве добро сеа што се затвори случајов, два дена јадеме ќотек ко никој. И така за таква работа не можеш без пријава да поминеш. Место да кажат ваква и ваква беља направивме, ај сега како да се вадиме.
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протоѓер
ГЈ: Се нервирам зошто толку изгубивме на овој случај.
МП: Тоа е Горде, ќе пегламе.
ГЈ: Да, сега уште некој јак ќе спукаме…А бе, Љубе ни пропадна ради овој.
МП: Да.
ГЈ: Мислам, не ни пропадна, ама му е….е знаеш како, триумфалистички.
МП: Да, да, да.
ГЈ: Сеа ја се кријам, денес не давам изјави, никој не искача у јавност, место да се фалиме, да се чаталиме. Али, се на сé, добро е што се затвори случајот. Само вака, си се нервирам што е така некој малоумен не му текнува дека не можеш убиство да скриеш.
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Иво Котески
ГЈ: Ало
ИК: Ало
ГЈ: Кажи
ИК: Е, а бе, ништо, сакав да спомнам, од новинариве пошто ми спомнуваат ваму од протестот, добро е, тоа е и очекувано, пуно дека е комуњари.
ГЈ: Е па…
ИК: Муабетот ми е бе и за утре, ако продужат вака да се чаламат, ај добро, у реду, таа ќе биде политичката порака дека сме против насилство, ама кој беше бе, Бичикле ли беше близок со таа жена му на тој Поштар, моштар, такви работи, од тоа време?
ГЈ: Па Бичикле ваљда, он со сите такви типуси е близок.
ИК: Да иде и да им пали свеќи пред СДСМ?
ГЈ: Ај да видиме сеа…
ИК: Ако има комуњари многу на протестов, па нека објават малце со Поштар што напраиле. Нели, пошто се против насилство.
ГЈ: А бе, овој идиотов, мислам, како можел така.
ИК: Нашиов?
ГЈ: Да. Треба да си малоумен.
ИК: Скроз.
ГЈ: Значи, да ти е изваден мозокот и стаен у тегла и да искочиш надвор.
ИК: Нејсе, ја не сум фокусиран на него. Мене…шо напраил он, напраил, него ние испаднавме малоумни што не реагиравме првиот ден.
ГЈ: Е па, испаднавме.
Разговор помеѓу Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер
МП: Горде?
ГЈ: Е
МП: Може ли уште денеска пред истражен да отиде овој?
ГЈ: Може, ама треба прво препознавање да се направи. Сеа со Урко се расправав на телефон.
МП: Тоа е, што да ти кажам.
ГЈ: Два дена чекале да видат шо да праат бе. Така ми вика.
МП: И ја му реков, викам, требаше одма да кажете, Брза помош, нешо ќе направме, ќе го изведевме некако.
ГЈ: Да де, да. Па за тоа му се јавив. Овој идиотов негов, изјава дава дека не го тепал. А, овој збумбарен, не се познава кој е.
И ќе го извадат. Сега мислам дека ќе одат со препознавање прво, таква е процедурата…
МП: Мора уште вечерва да биде, Горде.
ГЈ: Да бе, да. Ќе се чујам сега со…
МП: Сеа зборев со претседателоТ, за да ја затвориме темава побрзо.
ГЈ: Сега ќе ги притиснам, многу се нервирам. Вика, чекавме два дена да видиме шо да праиме. Така ми вика.
МП: А, мене ми рече, многу лажат бе. Мене ми рече, а ја одма му кажав, немав детали, ама одма му кажав на претседателот.
ГЈ: Да бе, и шо му рекол, еве убивме и претседателот шо му рекол, браво бе, така треба, хахаха.
МП: Не, не, не, дека овој се опирал три пати…и така.
ГЈ: Ама, еве и да е така, во што, ја се сомневам, тој наркоман, сучка, овие…и тоа овој шо е…
МП: Сучка? Ја мислев дека крупен бил.
ГЈ: А бе, наркоман е Мартин.
МП: Урко вика, така бил покрупен, па се одметнал, се оттргнал.
ГЈ: Не знам каков бил, ја го неам видено, ама наркоман, шом е…
МП: Да.
ГЈ: А, иначе, овој што е полицаецов Игор, претходно бил кај вас таму.
МП: Знам бе, го знам.
ГЈ: Добро што сега не е таму.
МП: Го знам Спасе, не да Боже да се…што да ти кажам.
ГЈ: Што да ти кажам.
МП: Тој Хитлер од кај вас, Урко ми кажа, нејќел да каже дека Специјална била ангажирана за обезбедување.
ГЈ: Па нејќел, па нејќел, зошо не била.
МП: Знам дека не била, знам.
ГЈ: Не може, се одговара кривично за тоа. Он е командант. Не може сеа он да го покрива него.
МП: Знам, знам.
ГЈ: Мислам, тоа знаеш која флека е за МВР?
МП: Знам.
ГЈ: Уште повеќе ќе се дозаглавиме. Подобро, ја оплескавме до овде, и да не заглавуваме други луѓе.
МП: Да. А, како ќе се изведе сеа. Шо барал овој од Специјална таму?
ГЈ: Не знам, сеа ќе мислиме шо барал. Не знам ни ја, хаха. А бе, шо барал. Знаеш шо барал. Му се јавил Урко, доаѓај, тоа барал.
МП: Да де, да, знам.
ГЈ: Пошто Хитлер ако го прати, не смее да го прати без униформа од Специјална. Треба у затвор Хитлер да иде за ова.
МП: Да.
ГЈ: Мислам, Хитлер ни е ептен вака, ок човече.
МП: Знам, знам, знам.
ГЈ: Ама, од една глупост да не влегуваме во друга. Цела полиција ја компромитираме. Да помислиме пола саат, саат шо да кажеме и тука да застанеме. Затоа и му се јавив.
МП: Дека приватно бил таму.
ГЈ: Не, кажавме више дека со усна наредба, некако ќе видиме, СВР Скопје, јавен ред и мир, нешто ќе смислиме, ќе најдеме начин.
МП: Добро, добор.